1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести против „Орбан-ленд“

Кено Верзек / Елизабета Милошевска Фиданоска28 март 2012

Унгарија културно-политички застранува. Критички настроените уметници и интелектуалци страдаат поради националистички и антисемитистички тенденции на власта на Орбан.

https://p.dw.com/p/14TKN
Виктор ОрбанФотографија: picture-alliance/dpa

На крајот, на човекот што во својата татковина го преживеа и холокаустот и сталинизмот, му остана само една можност - егзил. На почетокот на март 79-годишниот унгерско-еврејски писател Акош Кертес побара азил во Канада. Во еден американско-унгарски неделник даде куса изјава: „Многу тешко се одлучив на ваков чекор, зашто унгарскиот јазик е мојот живот. Се недевам дека еден ден ќе се вратам во демократска, толерантна и човечка Унгарија.“

ЕУ-земја од која уметникот емигрира поради политички мотиви: Случајот Акош Кертес предизвика бура во Унгарија, но и во странство. Што се случи?

Кертес во последните години страдал поради националистичките и антисемитистичките тенденции во Унгарија. Во август 2011. година, во една лута полемика, тој на Унгарија и‘ префрли дека до денес ја негира вината за холокаустот. Во текст, кој беше спорен и меѓу неговите пријатели и истомисленици, тој, меѓу другото, напиша: „Унгарецот е генетски предодреден да биде поданик. Среќно се валка во калта на диктатурата, грофта, голта и не сака да сфати дека ќе биде прободен. Не сака да учи, не работи, туку само завидува и ако е некако во состојба - го убива оној што со работа, студии и иновации постигнува нешто.“

Критика како национално предавство?

Драстични зборови. Но, тие принципиелно не се многу оддалечени од она што многумина Унгарци, покрај позитивните страни, самоиронично му забележуваат на претпоставениот унгарски национален карактер - наводно тежнеење кон завист и флегматичност. Независно од тоа, текстот предизвика бесен, речиси хистеричен крик на конзервативците и десните екстремисти, а темата со недели беше во медиумите. Кертес ја повлече најмногу инкриминираната реченица „Унгарецот е генетски предодреден да биде поданик“. Сепак, повлечена беше одлуката со која тој беше прогласен за почесен граѓанин на Будимпешта, а се зборуваше да му бидат одземени и државните признанија и награди. Десноекстремната партија Јобик, која е втора по големина политичка сила во земјата, побара тој да биде обвинет за државно предавство.

Akos Kertesz Autor Ungarn
Акош Кертес замина во егзилФотографија: picture alliance / dpa

Кертес издржа цели пет месеци. Според сопствени наводи, за тоа време бил изложен на големи вербални и физички закани, по пошта, на телефон, на улица. По неговото заминување, коментаторите во печатот близок до владата, даваа злонамерни забелешки на негова сметка. „Кога во владата би седеле луѓе кои размислуваат трезвено, тогаш би му напишале писмо на Кертес и би го викнале назад во Унгарија. Но тие тоа не го прават“, вели унгарскиот писател Ѓерѓ Далос, кој живее во Берлин.

Радикална идеолошка реформа

Случајот Кертес е еден од најголемите културно-политички скандали откако во Унгарија, на крајот на април 2010. година, со двотретинско мнозинство победија Виктор Орбан и неговата партија „Сојуз на млади демократи - Унгарска граѓанска алијанса“ (Фидес-МПП). Но тоа не е единствен случај. Под власта на Орбан Унгарија се менува радикално политички и идеолошки. Елитата во државата и во админстрацијата е во голем дел променета. Во културната сфера промените се насочени пред се‘ против урбаните, плуралните будимпештански интелекуалци, но промени има и во независните културни институтции надвор од главниот град. Орбан и неговата партија сосема отворено велат дека сакаат да ги потиснат од јавноста, како што ги нарекуваат, „левите либерали“. Првата голема акција во таа насока беше реструктуирањето на медиумите од јавната сфера и законот за медиуми.

Никулци на расизам

Со тивок „амин“ на власта постојано има и кампањи против критичките изјави на уметниците. Во јануари 2011. година, на пример, пијанистот Ондраш Шиф во писмо во Вашингтон пост изрази загриженост поради порастот на расизам, антициганизам, антисемитизам, ксенофобија и шовинизам во Унгарија. Познатиот десно ориентиран публицист Золт Бајер, инаку пријател на премиерот Орбан, потоа напиша дека Шиф е духовен потомок на унгарско-еврејските болшевици од времето по Првата светска војна и посредно сугерираше дека за жал не се успеало во тоа да бидат масакрирани сите оние кои имаат вакви ставови.

Andras Schiff
Ондраш Шиф беше наречен „потомок на унгарско-еврејските болшевици“Фотографија: beethovenfest.de

Понекогаш е доволно да се биде „педер“. Така во десноекстремните медиуми веќе долго се нарекува Роберт Алфолди, успешниот директор на Националниот театар во Будимпешта, кој отворено ја призна својата хомосексуалност. Претставници на владејачкото мнозинство повеќепати во парламентарни дебати тврдат дека неговите претстави се “нехристијански“ и „неунгарски“ и бараат смена на Алфолди. Во унгарскиот парламент пратениците од партијата Јобик го нарекуваат „Роберта“. Тоа не му пречи никому, дури ниту на опозицијата.

Скандали

Веројатно досега најголемиот културнополитички скандал во Орбанова Унгарија е таканаречениот „процес против филозофите“. На почетокот на 2011. година „ополномоштеник за финансии“ на владата иницираше истрага против водечки унгарски филозофи, меѓу нив и 82-годишната Агнеш Хелер, која со децении е една од најзначајните источноевропски мислители. Нејзе и на многу нејзини колеги им се префрлуваше дека проневериле државни пари за истражување. Обвинувањата одамна доживеаја колапс, но пред една година медиумите верни на власта почнаа кампања на подбуцнување против „леволибералните филозофи“ и „деформаторите на мислењето“ и однапред ги прогласија за виновни.

„Многу мои пријатели ја напуштаат Унгарија. Во меѓувреме секоја недела одам на проштални забави“, вели Ана Балинт, ликовен критичар од Будимпешта. „Некои си одат поради тоа што материјално веќе немаат шанса, а други поради вкупната безизгледност. Ако се формулира критика, тогаш бргу сте соочени со обвинувања за национално предавство, проневера или некакви други апсурдни престапи.“

Жед за власт наместо интелектуално соочување

Највисокиот унгарски функционер во сферата на културата Геза Зоч реагира изнервирано кога ќе слушне вакви обвинувања. Тој во Министерството за национални ресурси е државен секретар за прашања од сферата на културата. „Интелектуалците и уметниците кои ја претрупуваат владата на Орбан со обвинувања едноставно не сакаат да прифатат дека ситуацијата е променета, дека веќе немаат влада во која се ’дворски интелектуалци и поети’“, вели тој.

György Dalos Autor Ungarn
Ѓерѓ Далос: Тоа е уништување на културатаФотографија: picture-alliance / APA/picturedesk.com

Тоа за писателот Ѓерѓ Далос звучи како политика за добивање што поголема власт и клиентелска политика. Тој вели: „За културната политика на владата на Орбан не би го употребил зборот борба на култури. Тоа не е борба, тоа е уништување. Се чини дека единствената идеја е власта и да се добијат што е можно повеќе позиции. Нив воопшто не ги интересираат културата, литературата, филмот, тетатарот. Тие дури не се ниту снобови.“