1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести против Франсоа Оланд

ЖА/дв/миа/ртре27 јануари 2014

Додека францускиот претседател е зафатен со својот љубовен живот, граѓаните излегоа на протести против неговата политика. Демонстрациите во Париз се одржаа под мотото „Ден на гневот“.

https://p.dw.com/p/1AxbM
Фотографија: Reuters

„Французите се гневни“, извикуваа учесниците на протестите во Париз. Околу 250 лица се уапсени, а 19 полицајци се повредени синоќа во судирите за време на протестите против политиката на францускиот претседател Франсоа Оланд, соопшти полицијата.

Според податоците на полицијата, во протестите учествувале околу 17.000 луѓе, додека според организаторите бројката на демонстранти изнесувала околу 120.000.

Учесниците во протестот, кој беше организиран од речиси 50 десничарски, екстремно десничарски и конзервативни католички организации и наречен „Ден на гневот“, побараа оставка од шефот на државата и неговата влада, укинување на легализацијата на истополовите бракови и на законот кој дозволува право на абортус, како и преземање на поефикасни мерки во борбата против големата невработеност.

„Државата насекаде ни ги зема парите. Постојано се воведуваат нови даноци, доста ни е од тоа“, рече еден од демонстрантите. Политиката на Оланд ја води земјата во пропаст, стоеше на некои транспаренти.

Поголем број од демонстрантите не го одобруваат и љубовниот живот на Оланд, кој ден претходно соопшти дека ја раскинува долгогодишната врска со Валери Триервеилер, поради афера со актерката Жили Гаје.