1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестна нота, извинување, осуда и жалење

Горан Петрески4 март 2009

Охридскиот инцидент во кој на неколку грчки туристички автобуси беа испишани пароли со името „Македонија“ предизвика голем дипломатски немир во Атина. Во истовреме ги разбранува политичко-новинарските кругови во Скопје.

https://p.dw.com/p/H5E6
ОхридФотографија: dpa

Во реакциите за инцидентот, што се случи во неделата (01.03.09) во Охрид доминира осуда на настанот. Друштвото за македонско-грчко пријателство смета дека охридскиот инцидент незаслужено добил преголемо внимание. Претседателката на друштвото, Фанија Ивановска Стојменовска за Дојче веле изјави: „Не би требало да се придаде толкаво значење на овој изолиран инцидент, затоашто комуникацијата навистина ни е потребна на сите. Мислам дека неможеме едни без други. Многу сме поврзани на ова тло. Сметам дека нема потреба од толкава сериозност.“

Македонскиот печат главно го осудува инцидентот. Коментаторот на весникот „Дневник“ во написот под наслов „Патриотски четки“ ќе напише: „На Македонија не и требаат молерофарбарски бранители на името, оти таквите победи на семафорот во Брисел се регистрираат како црвен картон за нас и како поен за Грција.“ Весникот „Шпиц“ порачува: „Ако веќе морало да се чкрта по автобусите со грчки туристи можело да се напиште нешто друго. На пример ’Добредојдовте пријатели, Македонија ви посакува пријатен престој во Охрид’. Има начин и без пцуење да се каже дека ова е Македонија. Или нема?“ прашува Шпиц.

Груевски и Фуере го осудија инцидентот

Премиерот Никола Груевски го осуди инцидентот: „Јас жалам за тој инцидент. Тоа не е добра работа што е направено и го осудувам тој инцидент. Во секоја држава има поединци што ќе направат по нешто. Тоа не е добро, така не се решаваат проблемите. Јас сум за решавање на проблемите, сум водел многу или преговори, акции, чекори, но не на таков начин.“

Се огласи и евроамасадорот во Скопје, Ерван Фуере: „Извинувањето од страна на општината и градот Охрид е за поздравување. Ваквите вандалски активности и дела кои ги предизвикуваат мали групи на луѓе без разлика од која страна на границата доаѓаат треба да бидат осудувани постојано“, изјави Фуере.

Грција вложи демарш

Грчката Влада ги предупреди Грците на особено внимание кога патуваат низ Македонија, а грчката амбасадорка, Александра Пападополу врачи протестна нота во министерството за надворешни работи на Скопје. „Ние исто така побаравме од вашите власти да ги преземат сите неопходни мерки за да ги заштитат животите и имотите на грчките граѓани кои престојуваат во вашата земја. Во секој случај инцидентите како овој не придонесуваат за јакнење на контактите меѓу граѓаните, а грчката влада е заинтересирана за многу блиски контакти меѓу граѓаните, грчките туристи да доаѓаат во вашата земја, а вашите граѓани да доаѓаат кај нас“, изјави шефицата на грчката канцеларија за врски во Скопје, Александра Пападопулу.

Инцидентите да не се злоуптребуваат за дневна политика, реагираше и македонското Министерство за надворешни работи оценувајќи дека грчката реакција е крајно несоодветна и пренагласена.

Во изминиатиот период стотици граѓани од Македонија се соочуваа со малтретирања додека патуваа во Грција.