1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протест за правата на затворениците од ЕТА

СН/жа/афп/миа/дпа/ртр12 јануари 2014

110 илјади луѓе во Билбао во северна Шпанија демонстрираа за поголеми права за затворените членови на баскиската терористичка организација ЕТА, која во 2011. година прогласи едностран прекин на огнот.

https://p.dw.com/p/1ApGy
Фотографија: picture-alliance/dpa

На мирниот марш низ центарот на шпанскиот град Билбао, демонстрантите им изразија поддршка на затворените припадници на сепаратистичката милитантна организација Баскиска татковина и слобода (ЕТА). Протестот беше организиран иако суд во Мадрид го забрани неговото одржување.

Учесниците на протестот скандираа „амнестија за сите“, „слобода“ и „Независност за Баскија“.

Првично беше планирано со протестот да се бара префрлување на затворените припадници на ЕТА во затвори што се наоѓаат поблиску до нивните домови, но потоа по иницијатива на двете водечки баскиски партии, собирот беше претставен како „марш за човекови права, разбирање и мир“.

Шпанија ја смета ЕТА за терористичка организиција и ја обвинува за убиство на над 800 лица за време на четиридецениската борба на организацијата за создавање на независна баскиска држава. ЕТА во 2011. година прогласи едностран прекин на огнот и според некои аналитичари, не би било изненадување доколку организацијата наскоро објави целосно разоружување.

Положбата на припадниците на ЕТА што се наоѓаат во шпанските затвори е проблематично прашање за Шпанија, која стравува дека какви било повластици за овие затвореници би можеле да предизвикаат гнев и реакции на семеjствата на жртвите на нападите на групата.

Во шпанските затвори се наоѓаат околу 600 припадници на ЕТА. Уште 100 се наоѓаат во затворите во Франција, со оглед дека ЕТА дејствуваше и во баскиските региони во Франција.