1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Против десниот екстремизам треба да се отворат очи

ЖА/дв/дпа/епд26 август 2012

На годишнината од расистичките дивеења во квартот Лихтенхаген во Росток денеска (26.08) се одржа централната комеморација. Германскиот претседател Јоахим Гаук се заложи за поголема демократија.

https://p.dw.com/p/15wzD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според германскиот претседател Јоахим Гаук, дивеењата против странците во 1992. година во Росток се одраз на потфрлувањето на државата.

„Демократијата мора да биде во состојба да се одбрани себе си и не смее да го испушти од раце монополот на власта“, порача Гаук на 20-годишнината од најголемите поствоени напади против странците во Германија.

Наспроти десните екстремисти денес се наоѓа широк фронт противници, убеден е претседателот, инаку родум од Росток:

„Ви ветуваме, не се плашиме од вас, онаму каде ќе се појавите, ќе ви застанеме на патот“.

Rostock Radsternfahrt Fahrrad Sternfahrt Radtour Gedenken
Фотографија: picture-alliance/dpa

Омразата ширена од десните екстремисти не смее никогаш да биде толерирана како средство за решавање на конфликтите, предупреди Гаук.

На централната манифестација по повод годишнината од нападите врз странците во Лихтенхаген дојдоа повеќе илјади граѓани, меѓу нив и илјада велосипедисти. Непосредно пред почетокот на централната комеморација беше посадено и дрво како симбол на слободата во спомен на  стравичните настани пред две децении. Во Росток веќе со денови се одржуваат демонстрации, изложби и подиумски дискусии за случувањата во 1992. година.

Откако повеќе баратели на азил пред две децении со недели кампираа пред центарот за нивен прием, непријателството кон странците и социјалните тензии се прелеаја во насилство. Десните екстремисти и обични граѓани фрлаа камења и молотови коктели врз соседната згарада, во која беа сместени 150 луѓе, меѓу кои околу стотина Виетнамци. Тие успеаја да се спасат од зградата која вивна во пожар по фрлените, низ прозорците, молотови коктели, само со бегство преку покривот. Чиста среќа беше што никој не беше повреден. Полицијата пак, долго не беше во состојба вистински да ги запре насилсниците. Напаѓачите напротив добиваа отворен аплауз од насобраните граѓани.

Gedenken Rostock 20 Jahre Krawall Rassismus Demonstration
Фотографија: picture-alliance/dpa

На 20-годишнината од овие настани, демократските партии во Росток и граѓанството се извинија на жртвите. Во издаденото соопштение стои дека затаиле сојузните, покраинските и локалните власти. Ни по трагичните настани погодените мигранти и баратели на азил не наишле на неопходната солидарност од општеството.

Под мотото „Проблемот се вика расизам“, вчера илјадници луѓе продефилираа низ центарот на Росток, главно припадници на левиот спектар.

Покраинскиот премиер на Мекленбург Предна Померанија Ервин Селеринг како консеквеца побара забрана на германската десно-екстремистичка партија НПД.