1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Процесот „Писториус“ е одложен

Надина Шварцбек / Александар Методијев4 јуни 2013

Случајот на параолимпиецот Оскар Писториус, кој е обвинет за убиство на својата девојка, со првото сослушување влезе во следна фаза. Судот, денеска (04.06), на барање на обвинителството, го одложи процесот до 19 август.

https://p.dw.com/p/18j51
Фотографија: Reuters

Првото предсослушување во процесот „Писториус“ траеше кратко. Јавното обвинителство побара одложување на процесот за да може да продолжи со истрагата за убиството на Рива Стинкамп. Таа му беше девојка на Писториус и во ноќта меѓу 13 и 14 февруари оваа година беше убиена од страна на спортистот во неговата вила во предградие на Преторија. Јавното обвинителство го обвинува Писториус за убиство. Писториус изјави дека својата девојка ја помешал со разбојник.

Длабокиот пад на Писториус

Со обвинувањата за спортската ѕвезда во изминатите месеци не се занимаваа само луѓето во Јужна Африка, туку и меѓународните медиуми, кои информираа за случајот на атлетичарот наречен „Истребувачот“ (според филмот „Blade Runner“, н.з.). Овој прекар го доби во летото 2012 година, бидејќи беше првиот тркач кој со две ампутирани нозе и на карбонски протези учествуваше на Олимписките игри. Тој не се квалификуваше само за полуфиналето на 400 метри, туку и во финалето на штафетата „четири пати по 400 метри“. Тој учествуваше и на Параолимписките игри, каде освои две златни и еден сребрен медал.

Џенет Витон, спортска новинарка во јужноафриканската телевизија Ес-Еј-Би-Си 1, се присетува дека кога спортскиот херој се вратил во Јужна Африка бил ентузијастички прифатен.

Südafrika Sport Oscar Pistorius mit Freundlin Reeva Steenkamp
Оскар Писториус фотографиран со неговата девојка Рива Стинкамп една недела пред нејзиното убиствоФотографија: Reuters

„Сите го сакаа, без оглед на тоа на која раса и’ припаѓаат или од која социјална класа потекнуваат. Му се поклонуваа дури и тие кои не се интересираат за спорт“, објаснува новинарката Витон.

Јужна Африка во шок-состојба

Затоа шокот по злосторството беше поголем. „Верував во доброто во него“, рече една разочарана минувачка на денот по убиството на Стинкамп во разговор со репортер на Дојче веле. „На почеток не можев да сфатам и прво се‘ проверував. Потоа едноставно бев шокиран“, објаснува друг минувач. „Јас не верувам дека Оскар Писториус е во состојба да изврши ладнокрвно убиство“, вели трет граѓанин, кој се сомнева во несреќа во куќата на Писториус.

Но, сега, околу три месеци по инцидентот, мнозинството Јужноафриканци се поскептични дали Писториус навистина е невин, вели новинарката Витон.

„Ние во Јужна Африка имаме многу висока стапка на криминалитет, има многу напади на жени и затоа тука има мало сочувство со него“, смета спортската новинарка. Освен тоа, по убиството на Стинкамп други негативни работи за Писториус станаа познати, како што е, на пример, неговата експлозивност и наклонетост кон оружје. „Тоа не фрла добро светло на него“, вели новинарката.

Обвинување за даночно затајување

Oscar Pistorius Leichtathlet
Писториус е првиот атлетичар со две ампутирани нозе кој учествуваше на Олимписките игриФотографија: AP

По извршеното убиство исто така стана познато дека тој за својот годишен приход од околу 480.000 евра не секогаш го плаќал данокот. Затоа, тој на крајот на мај, во еден одделен процес, беше осуден на парична казна од околу 80.000 евра. Тоа ја засили негативната слика кај многу Јужноафриканци. Во меѓувреме, генералното интересирање за Писториус се намали, оценува новинарката Витон во разговорот за Дојче веле.

„Сигурно дека за него повторно повеќе ќе се информира кога тој ќе се појави пред суд. Но, вниманието за него сега нема да биде големо, бидејќи тој мора само накратко да се појави пред суд“, додава Витон.