1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170509 Suu Kyi Birma

18 мај 2009

Аунг Сан Су Ќи со децении е симбол за демократски отпор во Мјанмар, некогашна Бурма. Сега таа повторно е изведена пред суд, во нов обид да биде заплашена.

https://p.dw.com/p/HsSM
Насекаде протести против апсењето на опозиционерката ЌиФотографија: AP

Аунг Сан Су Ќи е самоуверена и очекува дека ќе биде ослободена на процесот закажан за денеска. Тоа го вели нејзиниот адвокат во изјава за магазинот на бурманските бегалци „Иравади њус“. Адвокатот ја посетил 63-годишната носителка на Нобеловата награда во озлогласениот затвор Инсеин во главниот град Рангун. Су Ќи е обвинета дека наводно ги прекршила правилата на куќниот притвор и неовластено дома примила во посета американски државјанин. Во случај да биде прогласена за виновна, и’ се заканува казна до пет години затвор.

Демонстрации на дисидентите во Тајланд

Вчера во Бангкок, главен град на Тајланд, пред амбасадата на Мјанмар демонстрираа дисиденти од таа земја, барајќи ослободување на Су Ќи. Многумина бегалци од Мјанмар се убедени во тоа, дека мистериозната посета на некој американски граѓанин во куќата на водачот на опозицијата е замка од страна на воената хунта, за Су Ќи и натаму да ја држи во домашен притвор, или дури и да ја стави в затвор. Мјо Наинг, претставник на движењето „Бурма демократик нетворк“, вели:

„Секој донекаде разумен човек веднаш гледа дека ова е наместена приказна, за таа да биде ставена в затвор за време на изборите во 2010 година. Ние, организацијата на бурманските студенти во странство и Демократската межа на Бурма немаме никакво сомнение во тоа. Воената влада во Бурма веќе направи и сосем други политички злосторства“.

Friedensnobelpreisträgerin Aung San Suu Kyi 13 Jahre unter Arrest in ihrem eigenen Haus.jpg
Аунг Сан Су Ќи со години беше во куќен притворФотографија: picture-alliance/dpa

Осуди од сите страни

Воената власт во земјата во изминатите денови се најде под се’ посилен притисок поради апсењето на Су Ќи. Владите на многубројни западни држави, ОН и повеќе меѓународни организации за човекови права остро го осудија обвинението против Су Ќи и побараа таа веднаш да биде ослободена. И АСЕАН, организацијата на земјите од југоисточна Азија, искажа вчудовиденост од решението на нејзината членка Мјанмар, како што официјално се вика некогашната Бурма. Во минатото воената власт многу не обрнуваше внимание на меѓународните критики. Евентуалните мерки на Советот за безбедност на ОН против таа земја редовно беа блокирани од страна на Кина, која има право на вето и спаѓа меѓу најблиските сојузници на тамошниот режим.


Автор: Бернд Муш-Боровска/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска