1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето е еден од приоритетите на Ирска!

Силвера Падори-Кленке4 јануари 2013

Меве фон Хајниц, заменик амбасадор на Република Ирска во Берлин, во разговор за ДВ подлекува дека Ирска ќе ги поддржи државите кои се подготвуваат за членство во ЕУ и ќе направи се’ да се олесни и патот на Македонија.

https://p.dw.com/p/17Ddj
Фотографија: picture alliance/dpa

„Официјалната Програма на ирското претседателство ќе биде промовирана наредната недела. Но, веќе сега е јасно дека Ирска ќе продолжи да дава приоритет на веродостојната политика на проширувањето врз основа на принципот на условеност, вклучувајќи го тука и Западниот Балкан. Многу ќе се ангажираме во унапредувањето на проширувањето и во поддршката на државите кои се подготвуваат за членството во Унијата“, изјави за ДВ Меве фон Хајниц, заменик на амбасадорот на Република Ирска во Берлин, одговарајќи на прашањето - дали проширувањето со земјите од Западниот Балкан е на агендата на ирското претседатрелство во наредните шест месеци.

Во декември Европскиот совет заклучи дека до пролет Македонија и натаму ќе биде под „лупа“ пред да се определи временската рамка во која на земјата би и‘ се доделил датум за почеток на пристапните преговори. На прашањето дали и во каква форма Ирска ќе го поддржи овој процес Фон Хајниц одговара:
„Задоволни сме со декемвриските заклучоци на Европскиот совет со кој е поздравен значајниот напредок во голем број сфери. Советот побара извештај од Комисијата во пролетта 2013 за постигнатиот напредок во реформите и во доменот на добрососедските односи. Со нетрпение го очекуваме овој извештај и ќе бидеме среќни доколку дојде до прогрес и Советот одлучи да се отворат пристапните преговори. Со оглед што одлуката за проширувањето се донесува едногласно, со согласноста на сите 27 членки, Ирска како претседавач, ќе инсистира прашањето да напредува и да се дискутира, веднаш штом ќе го имаме на располагање извештајот на Комисијата. Ќе направиме се’ што е во наша моќ договорот да се олесни“, одговара Фон Хајниц.

Flaggen - Deutschland, Irland, EU
Ќе исчекори ли нанапред Македонија во текот на ирското претседателство со ЕУ?Фотографија: picture-alliance/dpa

Позитивен став на Ирците кон проширувањето

Поради финансиската криза во еврозоната не е новина дека многу од земјите на Унијата чувствуваат заморeност од проширувањето. Какво е расположението на Ирците околу овој процес?

Mazedonien EU Fahnen
Решавачки ќе биде пролетниот извештај за Македонија на Европската комисија!Фотографија: AP

„Ирска отсекогаш имала позитивен став кон проширувањето. Таа се приклучи кон Унијата пред четириесет години, во првото проширување на ЕУ. Бевме особено задоволни што за време на нашето последно претседателство во 2004 година, десет нови земји станаа членки на Унијата на таканаречениот - Ден на добредојде“, коментира Меве фон Хајниц, која е категорична и во одговорот околу тоа дали и колку Ирците ги познаваат земјите од Балканот и Македонија:

„Секако се разбира дека ги познаваат. Ирска отсекогаш била силен поддржувач на европските аспирации на балканските народи. Таа исто така, одигра својата улога во напорите да се постигне стабилност во регионот по конфликтите во 1990-тите. Со текот на годините значителен број луѓе од Балканот, исто така, си создадоа своите огништа во Ирска“, подвлекува во разговор за ДВ Меве фон Хајниц, заменик на амбасадорот на Република Ирска во Берлин.