1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ПССЕ бара расправа за функционирањето на демократијата во Македонија

Тони Гламчевски12 февруари 2013

Дваесет и еден парламентарец, членови на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводени од Швајцарецот Андреас Грос, изразуваат загриженост за функционирањето на демократските институции во Македонија.

https://p.dw.com/p/17ccl
Фотографија: picture alliance/abaca

„Инцидентот кој се случи во Скопје на 24 декември 2012 година, за време на кој полицијата ги спречи 42 пратеници од опозицијата да имааат пристап во Парламентот за да гласаат, открива сериозни проблеми со демократијата воопшто и посебно парламентарната демократија во земјата“, стои во краткото образложение на подносителите на барањето за расправа.

Тие бараат од Парламентарното Собрание на Советот на Европа да ги проучи одблизу причините за овој инцидент, проблемите кои произлегоа од него во областа на демократијата и причините поради кои тензиите и конфликтите не беа решени на демократски начин. На крајот од ПССЕ се бара да се види што може да се направи за да се надминат овие проблеми со цел да се рехабилитира и зацврсти демократијата во Република Македонија.

Потписници на барањето се 21 парламентарец од 17 земји членки на Советот на Европа и од сите политички групи во ПССЕ, што дава посебна тежина на поднесениот документ, за кој прво треба да се изјасни Бирото на ПС на СЕ, а потоа најверојатно ќе се расправа и на пленарна сесија.

За случувањата во Македонија ПССЕ беше изворно информирани за време на зимската сесија од страна на членот на македонската собраниска делегација, Игор Ивановски (СДСМ), кој за случувањата зборуваше на пленарната сесија.

Претседателот на ПССЕ, Жан-Клод Мињон смета дека македонската опозиција треба да се врати во Парламентот:

Jean-Claude Mignon
Жан-Клод Мињон смета дека македонската опозиција треба да се врати во СобраниетоФотографија: picture-alliance/dpa

„Бојкотот и политиката на празен стол не е добра политика. Ние само можеме да ја охрабриме опозицијата од парламентот, да го почитува мандатот кој и‘ беше доверен од народот на земјата да заседава во него и да си ја врши својата парламентарна работа“, вели претседателот на ПССЕ.

Советот на Европа честопати се соочувал со слични видови на проблеми во неговите земји членки, како сега во Македонија. ПССЕ може да го употреби истиот метод со кој се послужи кога имаше бојкот на парламентите во Албанија или Молдавија, односно посредништво меѓу опозицијата и владиното мнозинство и расправа на пленарна сесија на ПССЕ во Стразбур.

Расправата за Македонија беше предвидена на дневниот ред на ПССЕ во јуни оваа година, кога на пленарната сесија треба да се најде извештајот за следењето на обврските на Република Македонија, преземени со членството во Советот на Европа во рамките на пост-мониторинг дијалогот.

Во јануари Комисијата за следење на обврските на земјите членки на СЕ ја разгледа најновата изменета верзија на извештајот на британскиот парламентарец Роберт Валтер за пост-мониторингот на Македонија. Од тоа што ДВ го дозна за содржината на овај доверлив извештај, тој има претрпено големи измени. Во него се анализирани случувањата по 24 декември, кои според извор на ДВ од Стразбур, фрлаат нов „загрижувачки“ поглед врз демократијата и функционирањето на демократските институции во Македонија.

ПССЕ извештајот за пост-мониторинг дијлаогот го има испратено до македонските власти, од кои очекува коментари по истиот, по што тој ќе треба да се најде на пленарна сесија. Значењето на заклучоците на овој извештај се дотолку поголеми, бидејќи тој во добар дел ја инспирира Европската комисија при изработката на нејзиниот извештај за напредокот на земјата, посебно во делот на почитувањето на критериумите од Копенхаген.