1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин во Иран

16 октомври 2007

Рускиот Претседател Владимир Путин се изјасни за мирнодопско користење на атомската енергија во Иран.

https://p.dw.com/p/BrW9
Иранскиот и рускиот Претседател Ахмадинеџад и Путин на дочекот во ТехеранФотографија: AP

“Иран има право, како и секоја друга земја, да ја користи атомската енергија за цивилни цели“ , порача Путин по доаѓањето утринава во Техеран. Таму тој денеска учествува на меѓународната конференција на земјите што имаат излез на Каспиското море. Главна тема при тоа е спогодбата околу користењето на огромните резерви нафта и земен гас што се кријат под најголемото затворено море на светот.

Со апел за заедништво и одговорност денеска во Техеран иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад ја отвори Втората конференција на земјите што имаат излез на Каспиското море. Оваа средба треба да го подготви патот за изнаоѓање решение за комплицираната ситуација, во која сите пет земји сакаат да имаат полза од големите резерви на нафта и земен гас под морето, што се проценува дека се дури поголеми од оние на САД и Европа заедно. Првиот обид на конференцијата во Туркменистан во 2002-та мина безуспешно, па затоа домаќинот на средбата, иранскиот претседател Ахмадинеџад овој пат воздржано ги формулираше очекувањата:

“Морам овде да објавам дека преговорите се водат интензивно на ниво на експерти и дека општата клима при тоа ја одбележува желбата за соработка. При тоа преговорите околу важни правни прашања и обврски на земјите околу Каспиското море не се така лесни, но продолжуваат.“

Најголемо внимание на целата конференција предизвикува присуството на рускиот претседател Путин. Тој допатува во Техеран дури утринава, иако беше најавен уште синоќа. Причините за таквото задоцнување се шпекулира дека лежат во најавите на тајните служби дека наводно се подготвувал атентат врз него. Во првото обраќање на конференцијата во иранскиот главен град, Путин се осврна и на иранската атомска програма.

“Гледаме дека постои нужност сите прашања, па и оние околу кои постојат разлики, да се решаваат по пат на дијалог, со почит за суверенитетот на секоја земја и со откажување од примена на сила. Важно е ниту една од земјите што излегуваат на Каспиското море да не ја ставаат на располагање сопствената територија за воени дејства на трета земја. Така ќе создадеме меѓусебна доверба врз принципите на добрососедство“ - порача Путин.

Во меѓувреме учесниците на конференцијата едногласно ја прифатија изјавата со која се обврзуваат да не им даваат можности на трети земји за напад врз некоја од петте кои излегуваат на Каспиското море. Повод беа гласините дека САД бараат на користење бази во Азербејџан за евентуален напад врз Иран поради наводната опасност од иранската атомска програма.

За официјален Техеран посетата на рускиот претседател всушност има многу поголема важност од целата конференција, бидејќи од Русија како земја членка на Советот за безбедност со право на вето очекува поддршка против намерите на САД да протуркаат поострени санкции против Иран. Русија освен тоа е и главниот снабдувач со технологија за иранската атомска постројка кај Бушер. Реакторот на лесна вода го започна германската фирма Сименс уште во 70-тите години, а го презедоа руски фирми. Според првобитните планови постројката требаше да биде пуштена во употреба уште пролетва. Плановите се изјаловија наводно затоа што Техеран не ги подмирил финасиските обврски.