1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин го потпиша спорниот реванш-закон

ЖА/дв/дпа/афп28 декември 2012

Сите апели не помогнаа и не го одвратија - рускиот претседател Владимир Путин го потпиша спорниот закон кој забранува американски државјани да посвојуваат руски деца.

https://p.dw.com/p/17Afx
Фотографија: Reuters

Забраната за посвојување со ова стапува во сила на 1. јануари, соопшти Кремљ. Критичарите на законот укажуваат дека законот им ја одзема можноста на руските сирачиња на подобар живот во САД. Американските семејства во минатите 20 години адоптирале околу 60 илјади руски деца, меѓу нив и бројни со инвалидност. Околу 50постапки за посвојување во моментов се замрзнати.

Американските власти дозволија Американците, кои извршиле насилство врз руски посвоени деца, да поминат неказнето, гласи аргументацијата на Путин која доби широка публикација во медиумите. Шефот на руската држава со тоа алудира на еден единечен случај, во кој во 2008 година почина посвоено дете од Русија, откако неговиот очув од САД го оставил во автомобилот на голема жештина. Човекот беше ослободен на суд.

Heimkinder in Russland
Руски деца во дом за сирациФотографија: picture-alliance/dpa

Реакција на Магнитски-законот

Вистинската причина за спорот меѓу Москва и Вашингтон, во што се единствени експертите, е тесно поврзана со судбината на рускиот адвокат Сергеј Магнитски. Тој обвини за масивна корупција припадници на руското министерство за внатрешни работи, по што самиот беше осуден за даночно затајување и во 2009. година заврши во затвор. Приватна истрага дојде до резултат дека на Магнитски му била ускратена лекарска помош откако бил тепан. Единствениот обвинет во аферата, затворскиот лекар Димитри Кратов денеска беше ослободен од обвинувањата, согласно на очекувањата, зашто според московските судии не биле приложени никакви докази за убиство без умисла.

Американскиот конгрес, со оглед на неразјаснетите причини за смртта, донесе закон насловен со името на рускиот адвокат, кој предвидува санкции против руските функционери одговорни за прекршување на човековите права. Потоа следеше забраната за посвојување руски деца од американски граѓани, која ја донесе Думата.

Законот кој денеска го потпиша рускиот претседател Путин предвидува и „црна листа“ на граѓани на САД кои во Русија се сметаат за непожелни, зашто ги прекршиле правата на руски граѓани. Листата веќе е готова, но не е објавена, изјави портпарол на Кремљ. Друга одредба во законот цели на руски активисти за граѓански права и владини противници. Таа на политичките организации во Русија им забранува да се финансираат со пари од САД.