1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин задоволен од Самитот на Г8

17 јули 2006

Рускиот претседател Владимир Путин е задоволен од самитот на Г8 во Москва. Според него сите цели на Москва на овој состанок се исполнети.

https://p.dw.com/p/Ae02
Путин задоволен од средбите во Москва
Путин задоволен од средбите во МоскваФотографија: AP

„Руската делегација е задоволна. Сите нејзини цели се остварени и сите подготвени документи, се усвоени речиси без никакви преправки“, изјави Путин на пресконференцијата по завршување на првиот дел од Самитот. Путин е најзадоволен од усвоениот документ за енергетска безбедност, кој според него целосно ги одразува ставовите на Русија.

Рускиот претседател, чија земја првпат претседаваше со Г8, нагласи и дека Москва ги користи сите облици на комуникација со кои располага на Блискиот Исток за да ги ослободи двајцата киднапирани војници и има причини да мисли дека тоа нема да биде залудно. За што се се договорија лидерите на осумте најмоќни земји?

Учесниците на Самитот Г8 имаа обемна програма – меѓу другото постигната е согласност, во борбата против ширењето на инфективните болести да се оформи глобална мрежа за надгледување со која ќе биде сузбиена заеднички и евентуална пандемија од птичји грип. Прифатена е и иницијативата на Путин за образованието која се потпира на целите кои во таа област ги поставија ОН.

Освен тоа Г8 првпат донесоа Акциоенен план за глобална безбедност во областа на енергетиката. Завршната декларација на Самитот содржи и компромис во однос на идното користење на нуклеарна енергија. При тоа се нагласува значењето на нуклеарната енергија, а земени се предвид посебните ставови на Германија и Италија по ова прашање. Така во текстот пишува – прифаќаме членките на Г8 да одат по различни патишта за да се снабдат со енергија и при тоа да се штити климата.

Како што е познато Германија донесе план за постепено престанување да користи нуклеарна енергија, додека Италија уште од 90-те ги исклучи од мрежата своите нуклеарни електрани. Бернд Пфафенбах од германската делегација на Самитот вели:

„Мора да ја намалиме зависноста од нафтата, а за тоа да се постигне може да се користат различни патишта. Едни преоѓаат на нулкеарни електрани, други вложуваат во ефикасно користење на енерггијата, штедење и развој на алтернативни извори на енергија. Ова последново е патот кој го избра германската влада“.

Денес во Санкт Петерсбург доаѓаат и шефовите на држави и влади на Мексико, Бразил, Јужна Африка, Индија и Кина. Целта е да се обидат сите повторно да направат чекор напред во преговорите во рамките на Светската трговска организација кои се во застој уште од преговорите во Доха. Самитот завршува денеска.