1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин му врти грб на Западот

Инго Мантојфел/ Александра Трајковска 1 јуни 2012

Денеска (1 јуни) рускиот претседател Владимир Путин е во посета на Германија. Но, уште пред посетата се наѕира дека рускиот претседател во иднина повеќе ќе им биде наклонет на други региони, смета Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/155YN

Тоа што рускиот претседател Валдимир Путин е во посета на германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин треба да ја потенцира важната улога на Германија за руската надворешна политика. Но, германската политика не треба да смета дека Путин едноставно ќе ја продолжи надворешната политика на Медведев или неговата од 2008 година: за новиот шеф во Кремљ значењето на Западот и Европа наредните години ќе се намалува.

Европа поважна од САД

Европа и особено Германија и натаму имаат централна позиција за руската економија, конечно ЕУ од руски агол е најважен трговски партнер. Затоа Путин нема да се сретне само со германската канцеларка, туку и со францускиот претседател Франсоа Оланд, а неколку дена подоцна во Санкт Петерсбург во рамките на 29. самит ЕУ - Русија ќе се сретне и со првите луѓе на Унијата: претседателот на Советот Херман ван Ромпој и претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо.

Овие средби со сигурност зборуваат за значењето кое Европа се’уште го има за Путин, за разлика од САД. Имено, можноста за средба со претседателот Барак Обама на самитот на Г8 во Камп Дејвид, не се реализира оти рускиот претседател краткорочно го откажа своето учество. Појасно и не можеше да го изрази своето незадоволство. Зад ваквиот чекор се крие разочарувњато, што САД и во мандатот на претседателот Обама ги продолжуваат плановите за ракетниот штит на НАТО во Европа. Истовремено, Путин знае дека Обама е во изборна кампања и дека не е погодно време за потребните компромиси. До американските претседателски избори во секој сслучај ќе има пауза во руско - американските односи. Но, на ова не треба да се гледа само како на тактика.

Ingo Mannteufel
Инго Мантојфел, автор на коментаротФотографија: DW

Путин сака да ја зголеми дистанцата кон Западот, не само поради тоа што САД и Европа постојано го критикуваат неговиот авторитарен модел на владеење и демократски дефицити во Русија и имаат недоверба во Путин. Многу повеќе во центарот на руската надворешна политика се напорите за интеграција во постсоветските простори и Кина.

Путин сака поранешните постсоветски држави политички и економски повторно посилно да ги врзе за Москва. Заслабувањето на САД и ЕУ поради економската и финансиската криза му доаѓа како порачано. Со оглед на тоа што Американците се уморни од глобалната анти-терористичка борба, а европската идеја ја загуби нејзината привлечна моќ поради кризата со еврото, моментот е поволен за Москва да се ангажира за засилена интеграција.

Фактор Кина

Од овие причини ќе порасне и улогата на Кина за руската надворешна политика. Русија, од една страна, гледа потенцијал за надградување на руско-кинеските економски и трговски односи. Од друга страна, од политички аспект Кина игра се’ поважна улога за Москва.

Оттука, не е случајност што Путин по неговите „европски“ средби веднаш преку Узбекистан патува за Кина, каде во Пекинг на 5. и на 6. јуни ќе се сретне со кинескиот претседател Ху Џинтао во рамките на самитот на Шангајската организација за соработка, а во Москва ќе се врати по државна посета и на Казахстан.

Политичкиот календар за патувањата на Путин оттука упадливо се совпаѓа со програмските надворешно-политички изјави во последните месеци. Иако за некаква оценка со сигурност е прерано, се чини дека Путин ништо повеќе не очекува од Западот. Тоа би значело и пропаѓање на европската политика кон Русија „Промени преку приближување“.