1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин на терористите им објави војна „до истребување“

Јегор Виноградов /дпа/афп/ Жана Ацеска31 декември 2013

По самоубиствените напади со десетици загинати во Волгоград, претседателот Путин се закани со одмазда на терористите. Нападите се во контекст на ЗОИ во Сочи, велат експертите, а тероризмот го поттикнува и самата држава.

https://p.dw.com/p/1AjnF
Фотографија: Reuters

„Ќе ја продолжиме борбата против терористите консеквентно до нивното целосно уништување“, изјави рускиот претседател Владимир Путин во новогодишното обраќање. Тој вети итна помош за блиските на најмалку 34 загинати и на ранетите во двата последни самоубиствени напади во руската метропола Волгоград.

„На сите погодени од овие нечовечки дела ќе им помогнеме“, најави Путин. Ова е прва изјава на рускиот претседател во врска со вчерашните и завчерашни бомбашки напади.

Russland Moskau Präsident Wladimir Putin PK Pressekonferenz 19.12.2013
Рускиот претседател ПутинФотографија: Reuters

Во Волгоград се испратени дополнителни 5.200 полицајци и војници во потрага по можни поддржувачи на напаѓачите и заради обезбедување на јавниот живот во новогодишните денови. Во рации досега се уапсени најмалку 87 лица со неважечки документи, соопшти портпаролот на Министерството за внатрешни работи Андреј Пилипчук. Кремљ нареди засилени безбедносни мерки.

Во Волгоград, како и некои други градови, е откажана новогодишната прослава од безбедносни причини и поради воведената јавна жалост.

Бројот на загинатите се искачи на 34 - 18 лица во нападот во железничката станица и 16 во експлозијата на тролејбус.

Нападите предизвикуваат загриженост за безбедноста на претстојната Зимска олимпијада во Сочи. Се‘ повеќе инцидентите се доведуваат во врска со спортската манифестација, зашто исламистите од Северен Кавказ уште претходно се заканија со попречување на ЗОИ.

Главниот и одговорен уредник на рускиот сајт www.agentura.ru Андреј Солдатов смета дека за серијата напади во Волгоград не е одговорна само мала терористичка група.

„Се плашам дека, со оглед на претстојните Олимписки игри, некои следат стратегија на свртување на вниманитето на безбедносните сили“, вели Солдатов за Дојче веле. Освен тоа, уверен е тој, терористите сакаат да ја покажат својата способност да нападнат и надвор од Северен Кавказ, а Волгоград е можеби случајно одбран како мета. Тој сугерира дека нападите во Волгоград се дело на Доку Умаров, лидерот на т.н. „Кавкаски Емирати“, кој се закани со напади заради спречување на ЗОИ.

„За жал, мора да се сфати дека Умаров има свои слдебеници кои можат да извршат напади“, истакнува Солдатов.

Russland Wolgograd Explosion Anschlag Bahnhof
Фотографија: Reuters

Судири меѓу локалните елити

И Сергеј Гончаров, претседател на Здружението на ветераните на руската антитерористичка единица „Алфа“ гледа директна врска меѓу нападите во Волгоград и Олимписките игри во Сочи. Оние кои веќе купиле влезници, сега би можеле да почнат да размислуваат дали воопшто да патуваат во Русија.

Гончаров остро го критикува работењето на тајните служби:

„Ова го отвора прашањето за доволната професионалност на тајните служби. Наводно, тие во регионот се слаби поради конфликти меѓу локалните елити“. За него е несфатливо тоа што претходните напади не доведоа до зголемени мерки на безбедност.

Според зборовите на овој експерт во разговор за Дојче веле, терористичкото подземје во Русија во минатите години ја промени тактиката, а на тоа мораше да се реагира:

„Во цела Русија постојат терористички групи од по пет-шест членови, кои дејствуваат самостојно, никому не се потчинети“, истакнува Гончаров.

Терористите имаат неколку цели

Одговорните за терористичките напади во Волгоград имаат повеќекратни цели, смета Генадиј Гудков, полковник во резерва од Сојузната служба за безбедност на Русија (ФСБ).

„Ова се демонстративни акции, прво, сакаат на Русија да и‘ ја расипат Новата година, а второ, сакаат да ги заплашат оние кои сакаат да дојдат на Олимпијадата“.

Гудаков го истакнува порастот на разни екстремистички движења и идеологии во Русија. Експертот ја критикува и руската влада. Раширената корупција, неправедните судови и сузбивањето на правата и слободите на граѓаните се плодно тло за екстремизам“, заклучува тој за Дојче веле. Значи, државата и самата е одговорна за се‘ поголемата радикализација. Државата би требала да ги обедини различните религии и здравите сили во општеството. Дури тогаш може да се бори против тероризмот, вели тој.