Путин: Не ми требаат валкани трикови за да победам на изборите
27 декември 2011„Изборите завршија. Не може да се зборува за каква било проверка на резултатите“ , изјави денеска рускиот премиер Владимир Путин , осврнувајќи се на таквите барања од страна на опозицијата. „Има само еден начин да се оспорат резултатите кој е пропишан од законите- жалбите до судот“, изјави Путин пред Серускиот народен фронт, коментирајќи ги протестите за време на викендот против резултатите од парламентарните избори.
На опозицијата и недостасуваат идеи
Рускиот премиер додаде дека нему не му се потребни валкани трикови и фалсификати за да ја освои довербата на народот на изборите за претседател на државата што ќе се оддржат на 4 март 2012 година .
„Јас сум заинтересиран изборите да бидат максимално транспарентни. Сакам на сите тоа да им биде јасно. Сакам да се потпирам на волјата на народот, неговата доверба, бидејќи без тоа, нема смисла да се работи“, нагласи рускиот премиер.
Путин притоа ја обвини руската политичка опозиција за недостиг на идеи и лидери.
„ Проблемот е што тие немаат единствена програма, тие имаат многу одделни програми. Освен тоа немаат ниту стратегија за постигнување на своите цели, ниту луѓе способни да преземат нешто конкретно“, изјави рускиот премиер.
Автор:СН/БГ/ртр/афп/миа
Редактор: Борис Георгиевски