1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин: САД да покажат доказ за Сирија

Александар Методијев/ројтерс/афп31 август 2013

„Сириската влада е во офанзива и ја има опколено опозицијата во повеќе региони, па таа да им дава џокер-карта на оние кои повикуваат на воена интервенција е бесмислено“, смета рускиот претседател Владимир Путин.

https://p.dw.com/p/19ZUb
Фотографија: Reuters

На прес-конференција во Владивосток рускиот претседател оцени дека е „бесмислено“ сириската влада да користи хемиско оружје кога ја добива војната. Путин упати порака до неговиот американски колега Барак Обама да не ги напаѓа сириските безбедносни сили.

„Јас сум убеден дека тој (нападот со хемиско оружје, н.з.) не е ништо друго, туку провокација од оние кои сакаат да вовлечат други земји во сирискиот конфликт и кои сакаат да ја добијат поддршката од моќни членови на меѓународната арена, а посебно САД“, изјави рускиот претседател Путин.

Американските власти, пак, се убедени дека во нападот пред десет дена е употребено хемиско оружје од страна на сириските власти, при што се убиени повеќе од 1.400 луѓе во Дамаск. Рускиот претседател денеска ги повика американските власти да ги покажат доказите дека сирискиот режим користи хемиско оружје.

Russland Wladimir Putin Pressekonferenz PK Journalist Syrien Krise
Путин, на новинарско прашање поврзано со конфликтот во Сирија, рече дека некој со хемиско оружје се обидува да ја добие поддршката на меѓународната заедницаФотографија: Reuters

„Во однос на позициите на нашите американски колеги, кои тврдат дека владините трупи користеле хемиско оружје, и велат дека имаат доказ – добро, тогаш да им дозволиме да го покажат тој доказ на инспекторите од ОН и во Советот за безбедност. Ако не го покажат, тогаш значи дека нема доказ“, рече Путин.

„Напад во секој момент“

Во истовреме сириските власти објавија дека во секој момент очекуваат воен напад, како и дека се подготвени соодветно да одговорат. Можноста за напад предводен од САД е отворена, откако рано утрово инспекторите од ОН заминаа од земјата. Администрацијата на Обама тврди дека нема потреба да го чека извештајот на инспекторите од ОН, бидејќи сопствените разузнавачки информации и’ давале доволни докази дека сирискиот режим пред десет дена го извршил нападот со хемиско оружје. Обама веќе изјави дека тој разгледува повеќе можности, нагласувајќи дека првенствено „се разгледува можноста за лимитирана, ограничена акција“.

Syrien Damaskus Straße Checkpoint
Војската и граѓаните се подготвуваат за воздушен воен нападФотографија: picture-alliance/dpa

Во меѓувреме сириските безбедносни сили започнаа со подготовките за можниот воздушен напад, повлекувајќи ги војниците од можните цели на напад. Главните улици во Дамаск денеска се речиси празни, со малку автомобили и пешаци. Медиумите забележуваат дека жителите складираат гориво за генераторите, во случај да биде запрен дотокот на струја поради воздушниот напад.

Сирискиот конфликт започна во март 2011. Во него загинаа 100.000 луѓе, а над два милиона Сиријци станаа бегалци. Според податоците од ОН, половина од нив се деца.