1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин: Србија може да смета на поддршката на Русија

ЖА/ АМ/танјуг/макфакс26 мај 2012

Новоизбраниот претседател на Србија, Томислав Николиќ денеска во Москва се сретна со шефот на руската држава Владимир Путин. Двајцата заклучиле - соработката на двете земји ќе тече прогресивно.

https://p.dw.com/p/152vn
Фотографија: AP

Николиќ и Путин денеска разговараа на маргините на конгресот на владејачката партија на Русија, „Единствена Русија“, 15-тина минути пред новинарите, а потоа разговорот го продолжиле зад затворени врати.

Новоизбраниот претседател на Србија, Томислав Николиќ го уверувал шефот на руската држава дека соработката меѓу Србија и Русија ќе „тече прогресивно“, а Путин му порачал на Николиќ дека може да смета на поддршката од Москва при реализацијата на својата политика.

Николиќ му се заблагодарил на Путин за поддршката на Русија во меѓународната политика на Србија, особено за прашањето на зачувувањето на Косово во составот на Србија.

„Србија е на пат кон ЕУ. Тоа е долг и неизвесен пат. Ние ќе ја уредуваме земјата по правилата кои постојат во ЕУ“, истакнал Николиќ, додавајќи дека досега не слушнал дека постои услов за признавање на Косово и Метохија.

Tomislav Nikolic Serbien
Томислав НиколиќФотографија: picture alliance/dpa

„Ние тоа не можеме да го направиме, па макар во тој час и да ги прекинеме преговорите“, рекол Николиќ.

Тој исто така истакнал дека Србија со резолуција на Собранието е обврзана на воена неутралност.

„Србија нема да биде во НАТО“, рекол Николиќ.

Путин ја искористил приликата лично да му честита на Николиќ за победата на претседателските избори и му посакал да го оствари сето она што му го ветил на српскиот народ.

„Во тоа можете да сметате на помошта од Русија“ рекол Путин и додал дека руската јавност знае каков став има Николиќ кон Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин на средбата со новоизбраниот српски претседател, Томислав Николиќ побарал од него да му исполни една невообичаена желба - да го поздрави Борис Тадиќ.

„Знам дека Борис Тадиќ беше ваш противник во кампањата. Но, бидејќи јас соработував со него претходните години, имам невообичаена молба, да го поздравите и да му ги пренесете моите најдобри желби за идната работа“ рекол Путин.