1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пјонгјанг протера од земјата американски воен ветеран

СН/емф/дпа/афп7 декември 2013

Американскиот државјанин, кој беше еден месец во притвор во Северна Кореја, е пуштен на слобода и е протеран од земјата, објавија денеска (07.12.2013) севернокорејските медиуми.

https://p.dw.com/p/1AUgf
Фотографија: Reuters

Американски воен ветеран Мерил Њуман (насловна фотографија), по потекло од Калифорнија, е протеран од Северна Кореја „поради хуманитарни причини“, пренесе државната новинска агенција КЦНА, наведувајќи дека на Американецот му е влошена здравствената состојба и оти „искрено се кае“. Њуман признал дека наводно сторил „непријателски дела“ против Северна Кореја во тек на неговиот неодамнешен престој во земјата, но и порано, за време на Корејската војна од 1950 до 1953 година.

Медиумите во Пјонгјанг на 30. ноември објавија снимка како 85-годишниот Њуман го чита свето извинување кое, според тврдењата на Пјонгјанг, го напишал на 9. ноември. Тој тогаш наведе дека за време на своето патување низ Северна Кореја во октомври сакал да се сретне со преживеаните војници кои ги обучувал за време на Корејската војна. Мерил призна оти во време на конфликтот убил цивили.

САД ја поздравија одлуката на Пјонгјанг да го пушти на слобода американскиот државјанин. Севернокорејските власти во повеќе наврати беа обинети дека од затвореникот изнудиле признание. Американскиот Стејт департмент ги советуваше Американците да не патуваат во Северна Кореја и ги предупреди на опасност оти таму можат да бидат притворени без легална причина за тоа.

Според наводите на неговиот син, Мерил сакал уште еднаш како турист да ја посети земјата во која за време на Корејската војна поминал три години во воена служба.