1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа на утрешнината: клик-работници

4 февруари 2012

Со компјутер и интернет-приклучок може да се стане соработник во новиот свет на трудот. Во него и претпријатијата мораат да бидат флексибилни. Како изгледа работата на утрешнината и колку се заработува?

https://p.dw.com/p/13vof
Четирицифрена заработувачка од дома-клик-работничкаФотографија: Fotolia/Monkey Business

Писателката Никол Ренсман работи дома. Ако нејзиниот актуелен роман не оди баш најдобро, таа заработува пари преку интернет - од писателка станува клик-работничка. „Треба да се опише една табуретка и би морала да ја погледнам. Приложен е линк, па би можела да го направам и испратам описот. Потоа ќе го земам наредниот текст“, објаснува Никол. Колкав треба да биде описот? „Овде стои 50 до 110 зборови. Не знам колку редови се тоа - шест, седум-осум, така некако“. Колку пари ќе заработи со тоа? „75 центи. Во случајов не се многу пари. Но, напросто пишувам брзо, па така квантитетот ќе донесе и пари“.

Во зависност од тоа колку брзо работи, Никол Ренсман заработува меѓу 8 и 18 евра на час. Нема колеги, нема регулирано работно време, нема социјално осигурување. Нејзиниот налогодавач таа уште го нема запознаено - системот не го предвидува тоа.

Deutschland Terror Sicherheit Online Durchsuchung
Фотографија: AP

Краудсорсинг - нов претприемнички концепт

Еден од нејзините налогодавачи е Clickworker.com од Есен. Во моментов налогодавачот го користи знаењето и умеењето на 160 илјади клик-работници. Претпријатието токму отвори и биро во САД. Претприемничкиот концепт на раководителот Кристијан Роцених е на цена. Соработници од целиот свет работат врз многу мали проекти. Тие се дел од еден голем проект. Идејата што се крие зад тоа се нарекува краудсорсинг и Роцених вака ја објаснува: „Изразот краудсорсинг настана од два поима - крауд, што значи многумина луѓе, и аутсорсинг, што значи некој процес да се издвои надвор од претпријатието. Идејата што се крие зад изразот е издвоениот процес да не му се довери на некој друг претприемач, што ќе вработи соработници, туку за тоа да се придобие маса луѓе расподелена во целиот свет“.

Парите за ова доаѓаат исклучиво од приватни инвеститори, кои во концептов го гледаат светот на трудот на утрешнината. „Денес ние правиме многу, но едноставни задачи, како составување текстови, оценување на снимки, преводи. Но, во иднина е замисливо се’ повеќе задачи на претпријатијата да се пренесуваат врз маса луѓе и така ќе биде создадена нова форма на работни односи“, предвидува Кристијан Роцених.

Indien Symbolbild Computer Frauenhand in New Delhi mit Tastatur
Клик-работниците мора прво да положат тестови на интернетФотографија: dapd

Клик-работа засега само за дополнителна заработувачка

Тимот на Роцених во Есен токму доби нов налог: клиентот достави список од претпријатија, со име, адреси и во најголем дел и браншата на која припаѓаат, и бара да му се обезбедат нивните интернет-адреси, адресите на електронската пошта, како и телефонските броеви и работното време. За три недели треба да се обезбедат 80 илјади податоци - тоа е можно само со ангажирање на помошниците преку интернет од 180 земји во светот, кои се достапни во секое време. Кристијан Роцених со клик-работниците многу брзо реализира големи проекти. „Од друга страна ние немаме никакви обврски на соработниците или на клик-работниците секогаш да им даваме работа. Тоа си го регулираат понудата и побарувачката“, вели тој.

Пред да работат за неговото претпријатие, клик-работниците мораат да минат различни приемни тестови преку интернет. Од тоа зависи и какви задачи ќе добиваат идните соработници. Колку се посложени, толку е повисока и заработувачката. „Имаме клик-работници кои секој месец постигнуваат висок трицифрен износ, а ако работите одат вистински добро и ситуацијата со нарачките е добра, тогаш успеваат да дојдат и до четирицифрена заработувачка“, истакнува Роцених.

Писателката Никол Ренсман од Ремшајд тој ден имаше малку налози и заработи само околу 20 евра. Клик-работата се’ уште за најголемиот дел од луѓето претставува само дополнителна заработувачка. Но, затоа пак на Никол во меѓупростор понекогаш и’ останува време и за прошетка со нејзините кучиња.

Автор: Табеа Мергенталер/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска