1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Равенка со многу непознати

20 март 2011

Интервенцијата на меѓународната заедница во Либија е опасна авантура со непознат исход, смета Бернд Ригерт во својот коментар.

https://p.dw.com/p/10cuE

Меѓународната коалиција, која под водство на Франција започна напади врз цели во Либија, се впушта во опасна авантура. Со неколку прецизни воздушни напади нема да може да се победат трупите на властодржецот Моамер ел Гадафи. Тие едноставно може да се повлечат, ако треба и да чекаат со недели, Бенгази да го стават под опсада или да ја затворат водата. Моамер ел Гадафи контролира 80 проценти од Либија и располага со неоходните ресурси. Ако коалицијата не е подготвена со масовни напади да го уништи целиот арсенал противвоздушна одбрана и воена авијација на Либија, тешко дека ќе може навистина да ја спроведе одлуката за воведување зона за забранети летови над Либија.

Bernd Riegert Deutsche Welle Porträtfoto
Автор на коментарот - Бернд РигертФотографија: DW

САД не покажуваат голем интерес за масовен ангажман. Претседателот Барак Обама одлучно ја отфрли можноста за испраќање копнени трупи и подолг ангажман во Либија.

Што треба да биде постигнато со воената акција е целосно нејасно. Ако станува збор за заштита на цивилите од Гадафи, тогаш коалицијата би морала да се подготви на повеќемесечни напади. Гадафи има време, може да чека. Интервенцијата од надвор има смисла, само ако има за цел да му стави крај на владеењето на режимот на Гадафи. За тоа ќе бидат потребни целни и масовни напади против владините институции во Триполи и местата, каде се претпоставува дека престојува Гадафи. Без промена на режимот, нама да има догорочно стабилно решение за ситуацијата во Либија. Меѓутоа целта промена на режимот, која не е опфатена со резолуцијата на ОН, учесниците на самитот во Париз барем засега јавно ја исклучија.

И за оваа војна важи правилото: ако влезеш во војната мора да знаеш како и кога можеш да ја завршиш борбата. Се чини дека коалицијата не извлече поука од балканските војни, од ирачката војна и фијаското во Сомалија и тамошната граѓанска војна. Никој не знае како треба да изгледа крајот.

Токму затоа одлуката на германската влада, да не учествува во воениот конфликт, е исправна. Дури и ако за тоа мораше да се жртвува европското единство. Меѓутоа, ниту се` да се остави во рацете на францускиот претседател Никола Саркози, кој стои и под голем внатрешнополитички притисок, не е најсреќното решение. Саркози тендира кон импулсивни решенија.

Ако коалицијата има среќа, тогаш либискиот властодржец Гадафи ќе прифати примирје и ќе ја продолжи соработката со ОН. Во спротивно, непресметливиот, психопатски настроен Гадафи ќе продолжи да се заканува со оружје за масовно уништување. Дали Франција и Италија се подготвени, доколку од сите страни притиснатниот Гадафи, реши да ги активира своите бомбардери и ги нападне Неапол или Марсеј? Впрочем веќе имаше вакви закани. Во случај интервенцијата на коалицијата да однесе и многу цивилни жртви, брзо може да ја загуби поддршката од јавноста, како на Западот така и во арпаксиот свет. Започна опасна авантура со неизвезен исход.

Автор на коментарот: Бернд Ригерт

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев