1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Радикални групи навлегуваат и на Балкан“

3 мај 2010

Заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Израел, Авигдор Либерман во Скопје изјави дека најголемите безбедносни закани за светот не доаѓаат од Балкан, туку од Иран, Ирак, Авганистан и Пакистан.

https://p.dw.com/p/NDOH
Авигдор ЛиберманФотографија: AP

По средбата со македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Израел, Авигдор Либерман, кој се наоѓа во дводневна прва официјална посета на Македонија, изјави:

„Македонија е многу добар пример за соработка и за соживот меѓу различи групи на популација, за мултикултурно општество“.

За безбедносната состојба во регионот, Либерман, информирајќи дека Израел има потпишано договори за соработка на тој план со Грција, што е рамка за соработка со сите земји-членки на НАТО, но дури и со некои соседни земји со кои постојат политички разлики, потенцира дека најголемите безбедносни закани по меѓународната заедница не доаѓаат од Балканот, туку светот се соочува со многу други закани и предизвици, како што се Авганистан, Ирак, Иран и Пакистан.

„Денес имаме постабилен балкански регион. Македонија е многу добар пример за земја која придонесува за стабилноста не само на Балканот, туку и во Ирак, Авганистан, што е многу важно за постигнување на целта - безбедност во светот“, појасни тој.

Шефот на израелската дипломатија изрази загриженост за, како што рече, силната пенетрација на терористички радикални групи низ светот, вклучувајќи го и Балканот, проблем кој внимателно се следи.

За решение на спорот со името се потребни две страни

На новинарско прашање дали Владата се‘ уште очекува проблемот со името да се реши и Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни, Милошоски нагласи дека постои политичка волја кај Владата за надминување на билатералниот македонско-грчки спор.

Mazedonien Außenminister Antonio Milososki zu Kosovo
Антонио МилошоскиФотографија: AP

„Но, решението и компромисот може да се остварат само доколку и во двете престолнини има политичко расположение за да се стигне до компромис. Исчекорот напред не зависи само од македонска страна. Во изминатите месеци секојдневно ја имаме позицијата за црвената грчка линија во однос на спорот и мислам дека таквиот пристап не дава дополнителен простор за придвижување на процесот напред. Ние сепак ќе се потрудиме да продолжиме со напорите за поместување во однос на разговорите“, рече шефот на македонската дипломатија.

Најдобар начин-директна комуникација

Според Либерман, пак, најдобар начин за решавање на прашањата како што е спорот за името меѓу Макеоднија и Грција е директната комуникација. Се надеваме, подвлече тој, дека наскоро Македонија ќе стане членка на НАТО и на ЕУ.

Либерман, придружуван од делегација од Министерството за надворешни работи и група израелски бизнисмени, се очекува да биде примен и од македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, како и од потпретседателот на Владата, Владимир Пешевски.

За време на посетата, министерот Либерман ќе има средби и со претставници на Еврејската заедница во Република Македонија и на Фондот за холокаустот.

Автор: ЖА/ГЧ/миа

Редактор: Горан Чутаноски