1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радикални исламисти вовлекуваат млади Европејци во сирискиот конфликт

Фајт-Улрих Браун / Зоран Јордановски3 септември 2013

Околу 500 млади Европејци се борат во сирискиот конфликт против режимот на претседателот Башар ал-Асад - и тоа на страна на исламистите. Од Белгија е посебно голем приливот на европските борци.

https://p.dw.com/p/19aIK
Фотографија: Zac Baillie/AFP/Getty Images

Белгиските власти спроведоа педесетина рации во радикално исламистичката група „Шеријат за Белгија“, откривајќи експлозив и оружје. Дел од белгиските родители во очај дури отпатуваа во Сирија за да си ги бараат своите деца.

Пред да исчезне, Брајан ги уништил сите свои фотографии до кои можел да дојде. На мајка му Осана Родригез и’ останаа само неколку. Последната беше снимена околу еден месец пред да исчезне син и’, на која се гледа насмеан млад човек, кој гордо ја држи в раце својата внука.

„Исчезна сред ноќ, немам поим кога! Отиде без поздрав. Веќе шест месеци немам никаков глас од него. Толку сум тажна дека го губам синот, единствениот мој син, кого толку го сакам“, вели Осана Родригез, мајка на џихадистот Брајан.

Денес Брајан веројатно е борец на радикално-исламистичкиот фронт Ал Нусра. Тој е еден од 80-та млади Белгијци, кои и’ се приклучија на таа исламистичка група, која, како и сириските бунтовници, сака да го собори режимот на претседателот Асад. Стотици млади муслимани од Европа веќе се одзваа на нејзиниот повик. На едно виедо поставено на Јутјуб се гледа Брајан, кој е ослабен и како да не знае што да прави со оружјето пред молитвата.

Screenshot Youtube Brian de Mulder, Sharia4Belgium, Fouad Belkacem
Секвенца од виеоматеријалот на Јутјуб, на кој се гледа дека Брајан (момчето со кратката коса) седи до Абу ИмрамФотографија: Youtube

Осана ни покажува каде сето започна: станбен блок во јужниот дел на Антверпен. Таму растел Брајан и бил воспитуван во католички дух. Весело детство, училиште и фудбал. Но, горе во зградата живеат и радикални муслимани.

„Овде започна несреќата на мојот живот. Со оваа банда никаквеци, кои живеат овде. Вистински ги мразам тие луѓе. Кога би можела, со свои раце би ги зграпчила и би ги треснала долу“, објаснува очајната мајка, покажувајќи со рацете кон повисоките катови на зградата.

Нејзиниот бес е насочен кон членовите на радикалната муслиманска група „Шеријат за Белгија“. Во април полицијата изврши рација против нив и оттогаш нивниот водач Фуад Белкачем, односно Абу Имрам, е в затвор.

Брајан пред две години западнал под нивно влијание. Осана до ден-денес не знае зошто.

„Луѓето од ’Шеријат за Белгија’ тука ги паркираа нивните автомобили и почнаа да разговараат со момчињата, овде на теренов и таму одзади“, објаснува мајката на Брајан, стоејќи пред спортското игралиште.

На едно видео од Јутјуб се гледа Абу Имрам на работ од кошаркарското игралиште. Тој цел час им зборува на момчињата, кои го слушаат со заинтересираност. Веднаш до него на видеоснимката се гледа Брајан.

Screenshot Youtube Brian de Mulder, Sharia4Belgium, Fouad Belkacem
Младите често се регрутирани таму каде што се собираат - на спортските игралиштаФотографија: Youtube

„Муслиманот мора да живее според верата, а не само теориски да биде муслиман. Ние учиме и практикуваме. Тоа ни е потребно сега. Потребна ни е генерација на војници“, ги убедува Фуад Белкачем, алијас Абу Имрам, младите момчиња на видеоснимката на Јутјуб.

Белгиската влада во март формира специјална група од претставници на министерства и на тајните служби, која се занимава со проблемот со белгиските борци во Сирија. Како да се запре врбувањето, како да се запрат младите да не одат во Сирија? Како да се постапува со идеологизираните млади луѓе, кои се враќаат од војната со борбено искуство? На овие прашања надлежната министерка реагира резервирано.

„Тоа е повеќестран проблем. Тоа е проблем на тероризмот и јавната безбедност. Но, понекогаш е само проблем на малолетници под идеолошко влијание, кои се одметнале. Тие мора да бидат заштитени и вратени дома“, вели Жоел Милке, министерка за внатрешни работи на Белгија.

Хишам ел Мзаир, локален политичар од Антверпен, познава многу засегнати семејства и се обидува да дејствува против Шеријат за Белгија.

„Уште во 2007 година подготвив документ со 21 предлог за тоа, што мора да се преземе против радикализацијата на младите. Еден беше дека мораме да школуваме сопствени имами. Но, до денес нема такво школување“, објаснува Хишам ел Мзаир.

Осана Родригез се надева дека ќе и’ се врати син и’. Со ќерките се пресели на село - побегна од исламистите. Последната порака од Брајан од април е дека со семејството ќе зборува дури кога тоа ќе конвертира во ислам.