1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радијација и во Пацификот

2 април 2011

Речиси три недели по катастрофата во Јапонија, премиерот Наото Кан е во посета на погодениот регион. Од атомската централа Фукушима, во меѓувреме, истекува високо радиоактивна вода во Пацификот.

https://p.dw.com/p/10mLj
Фукушима
ФукушимаФотографија: AP

Од хаварисаната атомска централа Фукушима протекува високорадиоактивна вода во Пацификот. Портпаролот на јапонските атомски власти Хидехико Нишијама вчера изјави дека водата истекува од пукнатина во една заштитна обвивка. Во воздух, над местото каде истекува водата, измерена е радијација од 1000 милисиверти на час. Пукнатината од околу 20 сантиметри треба да биде затворена со бетон. „Ова би можело да биде еден од изворите, преку кој доаѓа до контаминација на морската вода“, појасни Нишијама, кој не исклучи можност дека има и други вакви пукнатини. Нишијама изјави дека постојано се мери раиоактивноста во водата во близина на реакторот и во околина од 15 километри.

Експерти сметаат дека озрачената вода брзо се разретчува во Пацификот, така што и поголеми количества не влијаат врз животната средина. Меѓутоа, според германската служба за заштита од радијација, ризикот за заболување од рак кај луѓето се зголемува за десет проценти, доколку еден час се изложени на озрачување од 1000 милисиверти. Портпаролот на организацијата „Гринпис“, Карстен Смид, оцени дека вредностите „се заканувачки по живот“. Доколку дојде до повеќечасовна радијација, се заканува болест од озрачување. Првите симптоми се повраќање, мачнина и паѓање на косата.

Наото Кан
Наото КанФотографија: AP

Јапонскиот премиер Наото Кан за првпат по катастрофата е во посета на погодениот регион, на североисток на Јапонија. Прва станица беше гратчето со 20.000 жители, Рикузентаката, кое беше опустошено од цунамито. Пред оштетеното градско собрание премиерот со минута молчење им оддаде почит на жртвите. Тој, исто така, вети помош за преживеаните и поддршка за спасувачите.

Се стравува дека во земјотресот со јачина од 8,9 степени по Рихтеровата скала и цунамито што потресот го предизвика на 11 март, животот го загубиле 25.000 луѓе. Повеќе од 16.000 лица се’ уште се водат за исчезнати.

Автор: АТ/ ЕМФ/дапд/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема