1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радост во Скопје, шок во Берлин

Б. Георгиевски/дпа/миа17 октомври 2012

Македонската фудбалска репрезентација ја забележа првата победа во квалификациите за СП. Во Скопје беше поразена Србија со 1:0. Германските фудбалери се посрамотија против Шведска.

https://p.dw.com/p/16RCZ
Фотографија: Petr Stojanovski

Победата на македонските фудбалери им ја донесе Агим Ибраими со гол од пенал во 59-та минута. Во поголемиот дел од мечот се играше израмнето. Србите повеќе ја имаа контролата над играта, но не создадоа ниту една вистинска шанса за гол, додека од друга страна, македонските фудбалери ја препуштија иницијативата но беа далеку поконкретни во акциите кон противничкиот гол.

Селекторот Чедомир Јаневски натпреварот го почна со седум измени во однос на тимот кој во петокто загуби од Хрватска. Освен казнетиот капитен Горан Пандев и повредениот Шиков, во тимот немаше место ниту за суспендираните Горан Попов и Стевица Ристиќ.

„Им честитам на фудбалерите, многу ми е драго што оваа победа доаѓа по критиките кои ги добивме по поразот од Хрватска. Јас и тогаш реков дека тоа беше само еден лош ден. Одигравме еден добар и цврст натпревар против една силна Србија, која е еден од фаворитите во групата“, рече Јаневски на прес- конференцијата по натпреварот.

Македонија по четири одиграни кола во А групата, заедно со Србија се наоѓа на делба на третата позиција, двете селекции имаат по четири бода. На врвот на табелата со по 10 бодови се издвоија Белгија и Хрватска, кои вчера ги совладаа селекциите на Шкотска односно Велс со по 2:0. Велс има три, а Шкотска со два бода е последна на табелата. Следниот меч Македонија го игра против Белгија во Скопје, на 22 март следната година.

Чудо во Берлин

Во Берлин Германија и Шведска одиграа нерешено 4:4 во меч од квалификациската група Ц. Германците започнаа одлично, поведоа со 2:0 веќе во 15. минута со головите на Мирослав Клозе. Целосната контрола врз играта се рефлектираше со уште два погодока во мрежата на гостите до 56. минута. Најпрво Мертезакер, а потоа и Озил погодија и во тие моменти изгледаше дека е само прашање со колкава разлика ќе победи Германија. Но, шведските играчи се разбудија, а германските фудбалери целосно ја загубија концентрацијата по високото водство. Големиот „камбек“ на Шведска го започна Ибрахимовиќ во 62. минута, а до крајот погодија и Лустиг, Елмандер и Елм во последните секунди од судиското надополнување на времето. Германските медиуми остро ја критикуваа домашната репрезентација, а резултатот се толкува како пораз.

WM-Qualifikation Deutschland - Schweden
Елмандер го постигнува третиот гол за ШведскаФотографија: picture-alliance/dpa

„Беше извонреден меч. Секако дека кога водите 4:0 и мечот ќе заврши 4:4 разочараноста ќе надмине се’ друго. Шведска беше невидлива цели 60 минут. Ќе мора да ја научиме лекцијата од ова“, изјави селекторот на Германија Јоаким Лев.

Германската репрезентација остана на чело на групата со 10 бода од четири меча, а следниот натпревар го игра против Казахстан на гости, напролет следната година.