1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100908 Zypern Gespräche

Анке Хагедорн11 септември 2008

Претставниците на грчкиот и турскиот дел на Кипар ги придвижија преговорите за повторно обединување на Кипар, но сеуште имаат спротивставени мислења околу многу нешта. Тоа стана јасно и при разговорите на Талат во Брисел

https://p.dw.com/p/FFwC
Карта на КипарФотографија: AP

Последниот обид за повторно обединување на Кипар, беше направен во април 2004 година, кога грчкиот дел на островот на референдум кажа „не“ на овој процес, кој се одржа кратко пред приемот на Република Кипар во ЕУ. Со изборот на комунистот Димитрис Кристофијас за нов претседател на Кипар на почетокот на годинава, дојде до повторно придвижување во преговорите. Кристофијас во март се согласи со Мехмет Али Талат, претставникот на турскиот дел на Кипар, за преговори за повторно обединување.

Две средби за една недела

Двајцата политичари се среќаваат денеска (11.09.2008), по вторпат за една недела. Талат својата позиција ја изнесе во Брисел, каде меѓу другото разговараше и со еврокомесарот за проширување Оли Рен: „Климата, во споредба со порано, е променета. Сега има кипарски претседател, кој јасно покажа волја за решение. Турскиот дел на Кипар е подготвен на такво нешто. Затоа сум оптимист“, изјави Талат.

Шанси за пробив гледа и Андреас Мавројианис, амбасадор на Република Кипар во ЕУ: „Изгледите се добри, бидејќи и двете страни добро се познаваат и никој не ја смени политичката волја за напредок. Ние ќе бевме многу среќни доколку вчера беше можно да се најде решение.“

Стремежите се островот да се обедини. Кај двете страни сеуште постојат различни мислења околу моделот на владеење. Мехмет Али Талат за неговата идеја вели: „Претседателот би се бирал по принцип на ротација. Новата држава би била федерација од рамноправни земји и политичка еднаквост на два народа.“

Zypern Griechenland Türkei Christofias Talat
Димитрис Кристофијас и Мехмет Али ТалатФотографија: AP

Грчката страна пак опстојува на друг модел. Тоа го нагласи и Мавројианис: „Грчката страна останува на ставот за претседателски систем со еден претседател и потпрестедател. Ова беше случај уште со уставот од 1960 година, кога грчкиот сдел на Кипар имаше престедател а турскиот потпретседател. Ова може повторно да се случи„

Двете страни сепак се решени да биде формирана функционална влада, во која ниту една од страните нема да прави блокади. Спорна тема останува и присуството на турската армија на Кипар. Талат сеуште го отфрла барањето на кипарскиот претседател за целосно повлекување: „Намалување да, но целосно повлекување не. Во Европа исто така има присуство на странски трупи, исто како и во Германија. Таму се стационирани американски трупи. Меѓутоа ние во секој случај значајно ќе го намалиме денешниот број војници.“

А, што ќе каже Турција?

Инаку, точниот број турски војници на Кипар сеуште не е познат. Проценките се дека тој се движи меѓу 35 и 40.000 војници. Покрај повеќето позитивни сигнали, постојат и многу пречки на патот кон повторно обединет Кипар. На крајот двата народа од островот за тоа ќе треба да се изјаснат на референдум. Сеуште е отворено и прашањето каков ќе биде ставот на Турција.