1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разновидност и одговорност

Мартин Кох / Жана Ацеска18 јуни 2013

Шестиот Глобален медиумски форум на Дојче веле за тема ја има „Иднината на растот - економијата, вредностите и медиумите“. Присутни се учесници од околу 100 земји.

https://p.dw.com/p/18rUc
Фотографија: DW/M. Magunia

Шаренило во пленарната сала на поранешниот Бундестаг: многумина од над 1.500 гости од политиката, медиумите и меѓународните организации на отворањето (17.06) беа во традиционални носии: африкански, азиски и јужноамерикански, се слушаа разговори на многу јазици.

Глобал медиа форум и оваа година е платформа за размена на мислења на учесниците од различни делови на светот, но кои стигнаа со слични цели во Бон:

„Сакам да стапам во контакт со луѓе кои сонуваат да го променат светот, да развијат нови нешта и да го подобрат секојдневниот живот“, вели Алиан Циамала. Тој планира унапредување на одржливи енергетски проекти со своето претпријатие од областа на соларната техника, „Грин виш“. На Глобал медиа форум се среќаваат научници и политичари, претприемачи и новинари. Тие доаѓаат од сите континенти, секој го донесува искуството од својата земја, од својата бранша. Сите тие сакаат да се поврзат.

Новинарите во фокусот

Учесниците во бројни воркшопови дискутираат за улогата на новинарите во свет потресуван од економски, финансиски и еколошки кризи. Улогата на известувачите во бројни земји е тешка. Од една страна тие треба да ја информираат и да ја сензибилизираат јавноста, од друга страна да укажат на неправилностите и на одговорноста на актерите. Во политички нестабилните или економско тешко западнатите региони тие имаат големо значење. Тоа се дискутира, на пример, на воркшопот „Зошто е важно одржување на малите весници, радио и телевизиски станици во провинцијата“. Во повеќе секции се тематзира и преплетувањето на економските и новинарските интереси. Градоначалникот на Бон, Јирген Нимпч, е задоволен од растечкото влијание кое го добива ГМФ. На пример, прашањата тематизирани во Бон често потоа се појавуваат и на агендата на ОН. Тој дополнува: „Тоа има меѓутоа и своја сопствена динамика, зашто она што овде се разговара, се разнесува низ цел свет преку учесниците“.

Global Media Forum 2013 Noam Chomsky
Фотографија: DW/M. Magunia

Општествена одговорност

Медиумите низ цел свет засилено добиваат значење кое го надминува чистото известување, вели Марија Радиати од универзитетот Трисакти во Џакарта: „Медиумите треба да ги инспирираат луѓето, да допрат до нивните чувства и да се грижат за нивно образование“. Таа се радува на дискусиите со експерти за медиуми и радо би ги пренесла искуствата од Индонезија. Убале Муса работи како дописник од Нигерија на Дојче веле. Новинарот се надева дека дејството на конференцијата ќе трае многу подолго од трите дена во кои се одржува и дека учесниците дома ќе си заминат со променет став за влијанието на економијата врз светот:

„Медиумите треба да се погрижат луѓето да бидат информирани за трошоците на економската криза, за неопходноста нешто да се направи за таа да не се повтори“.

Разновидноста како принцип

Погледот подалеку од сопствениот атар на Глобал медиа форум е едноставен. Тука се истовремено и Друштвото за меѓународна соработка на сојузната влада, ГИЦ, органозации за заштита на природната средина, фондации од цел свет и млади претприемачи кои бараат поткрепа за своите идеи. Еден од нив, на пример, е и Санаи Гоел. Тој бара нови можности во секторот вести за своето интернет-претпријатие „Оксимити“:

„Сакам да им покажам на луѓето како интернетот од темел може да ја промени работата со вестите и како тоа ќе го направи“.

Заклучно со среда, на Глобал медиа форум ќе учествуваат околу 2.500 претставници на над 50 манифестации. Особено внимание предизвикаа настапите на носителката на алтернативната Нобелова награда Вандана Шива, на американскиот лингвист Аврам Ноам Чомски, како и на германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле.