1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220509 Bundesliga Vorschau

22 мај 2009

Последното коло во Бундеслигата ретко било понеизвесно од оваа сезона. Три екипи имаат шанса да ја освојат титулата, а на четири им се заканува испаѓање од лигата.

https://p.dw.com/p/HvHm

Доволен е само еден бод! На екипата на Волфсбург, која со два бода предност е лидер на табелата, доволно и‘ е нерешен резултат на домашен терен против Вердер од Бремен за да го освои шампионскиот пехар во Бундеслигата за првпат во својата историја. Тоа звучи како изводлива задача, меѓутоа токму тоа му задава грижи на тренерот Феликс Магат. Нему не му се допаѓа преголемата еуфорија која владее не само меѓу навивачите на Волфсбург. Покрај тоа, Магат смета дека не е безусловно предност тоа што неговиот тим игра против Вердер Бремен, кој во средата загуби во финалето на Купот на УЕФА.

„ Ќе ми беше помило, Бремен да победеше и задоволно да допатуваше во Волфсбург, зашто задоволни играчи понекогаш не се сосема подготвени за добар настап. Незадоволните пак се далеку поопасни“

Fußball Bundesliga Hoffenheim Wolfsburg Flash-Galerie
Графич и Џеко- Напаѓачкото дуо од соништата на ВолфсбургФотографија: picture-alliance/ dpa

Баерн пред „среќно“ или „ хорор“ сценарио

На кикс на „Волците“ се чека пак во Минхен, и тоа како во Баерн така и кај неговиот утрешен противник Штутгарт. Доколку Волфсбург загуби, победникот од овој дуел ќе биде првак на Германија. Капитенот на Баерн Марк ван Бомел во секој случај се’ уште гледа добри шанси за неговиот тим:

„ Баерн веќе неколку пати станал шампион во последната минута. Значи, ништо не е невозможно“.

Ова звучи самоуверено, но и покрај тоа Минхенчани имаат причини да стравуваат. Имено доколку загубат од Штутгарт , нема да се пласираат директно во Лигата на шампионите. А доколку згора на тоа четвртопласираната Херта Берлин победи против последнопласираниот Карлсруе , тогаш тоа за Баерн како и пред две години ќе значи: Добредојде во купот на УЕФА. Ова е хорор сценарио за Баерн, дури и ако Купот на УЕФА догодина ќе се нарекува Европска лига.

Расипувач на забавата за Минхенчани би можел да биде токму играчот кој можеби наредната сезона ќе игра за Баерн- самоуверениот голгетер на Штутгарт Марио Гомес:

„ Имаме извонредна серија. Имаме голема самодоверба и одиме во Минхен за да победиме. И верувам дека ќе го направиме тоа“

Возбудлива трка за опстанок

Fußball Bundesliga Stuttgart Cottbus
Голгетерот на Штудгарт, Марио Гомес (десно) е самоуверен пред одлучувачкиот меч во МинхенФотографија: picture-alliance/ dpa

Еднакво неизвесно е и на дното на табелата. Екипите на Билефелд и Котбус, кои се наоѓаат на 16 и 17 место, мораат да се надеваат на висок пораз на 15-та Борусија Менхенгладбах и истовремено да остварат високи победи за да се спасат од испаѓање или од релегацискиот дуел со третопласираниот од Втората лига. Екипата на Карлсруе, која се наоѓа на последното 18-то место, пак, со победа против Херта би можела да стигне само до 16-то место и во релегацискиот дуел да си го зачува местото во Лигата.

Екипата на Билефелд на домашен терен против Хановер ќе настапи со новиот тренер Јерг Бергер, кој воочи последното коло го презеде кормилото од Михаел Фронцек . Енерги пак игра против Баер од Леверкузен.

Возбудлива е и борбата меѓу Хамбургер и Борусија Дортмунд за петото место на табелата, кое обезбедува пласман во Европската лига. Екипата од Хамбург за противник го има Ајнтрахт од Франкфурт, кој веќе си го осигура останувањето во Бундеслигата, додека тимот од Дортмунд ќе се соочи со Борусија од Менхенгладбах, на која и‘ недостасува само уште бод за го одбрани 15-то место и да избегне испаѓање од лигата.



Автор: Андреас Цимонс/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска