1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Uni Ranking

Goran Cutanoski20 септември 2011

Американските универзитети остануваат најдобри во светот. Во првите 20 на пример има дури 13 американски. На второто место се британските универзитети, додека другите европски земји заостануваат.

https://p.dw.com/p/12aBM
Кембриџ универзитетот во Велика БританијаФотографија: picture-alliance / dpa

„Оној кој сака да биде успешен, мора да учи!“ Овој принцип очигледно го разбираат се’ поголем број луѓе ширум светот. Ваквиот заклучок се чини оправдан кога ќе се погледне листата на најдобри универзитети во светот, што ја изготвува британската агенција за советување на претпријатијата „Квакварели Симондс“. Агенција по осми пат го издава годишниот извештај за состојбата во високо-образовните институции во светот, испитувајќи при тоа 26 разни факултетски насоки на вкупно 600 универзитети ширум земјината топка.

Најдобри од најдобрите

Веќе втора година по ред на врвот на листата стои американскиот Универзитет Кембриџ, а веднаш по него и славниот Харвард. Меѓу т.н. „топ-тен“ годинава се наоѓаат уште и Масачусец институтот за технологија, Јеил универзитетот, Оксфорд, Империјалниот колеџ од Лондон, Универзитетскиот колеџ од Лондон, Универзитетот во Чикаго, оној во Пенсилванија и Њујоршкиот Колумбија универзитет. Не само што апсолутно доминираат меѓу првите 10, туку американските и британските универзитети го сочинуваат големото мнозинство и меѓу првите 20 во светот: дури 13 се американски, а пет британски. Тука се’ уште канадскиот Мек Гил универзитет и швајцарскиот Технички факултет од Цирих, кој е фактички единствен од Европа во острата конкуренција на 20-те најдобри.

Universität Harvard
Универзитетот ХарвардФотографија: AP

Глобален тренд

Сепак, меѓу најдобрите универзитети се’ почесто се пласираат и образовни институции од другите земји. Така меѓу првите 300 се застапени институции од 38 земји. Меѓу нив се и 24 германски универзитети, од кои четири се дури во групата од првите 100. Тоа се Универзитетот во Хајделберг, Техничкиот универзитет од Минхен, како и Лудвиг Максимилијан и Слободниот универзитет од Берлин.

Berlin Freie Universität
Слободниот универзитет БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

При тоа од голема важност се државните инвестиции во образовните институции, оценува членот на Комитетот за избор, Џон О’Лири. Добар пример за тоа е Кина, каде државата во последните децении интензивно инвестираше во образованието. Како резултат од тоа годинава речиси сите кинески универзитети се најдоа на долгиот список на најдобрите. И во Германија државните вложувања помогнаа значително за подобрување на позицијата на високо-образовните институции.

Важни податоци за ориентација

Според експертот О’Лири ранг-листата на најдобрите универзитети е важен оријентир за младите од целиот свет. За нив е имено многу важно да откријат каде скапото школување дава и најдобри резултати. Со оглед на драстично зголемените школарини во Велика Британија, за младите е битно да знаат каде студирањето колку чини и какви резултати можат да очекуваат од него за натамошната кариера. Годинава меѓу податоците што ги опфати извештајот за универзитетите за првпат се наоѓаат и цените на школарините.

Автор: Жана Казакова / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска