1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расизам и непријателство кон странци во Грција

Јанис Пападимитриу / Е. Милошевска Фиданоска28 април 2013

Последниот напад врз странски сезонски работници во Грција, кога беше пукано врз берачи на јагоди, ја шокираше земјата. Тоа е врв на серијата напади врз мигранти кои се остро осудени од организациите за човекови права.

https://p.dw.com/p/18NeJ
Фотографија: Reuters

„Во текот на изминатите години бројот на расистички мотивирани насилства не е значајно зголемен, но навистина е вознемирувачки што постојано се зголемува интензитетот на нападите“, опоменува Костис Папајоану, претседател на грчката Комисија за човекови и граѓански права. Тој додава: се‘ почесто се случува извршителите на вакви дела да употребат оружје со намера тешко да ги повредат жртвите или дури и да ги убијат.

Комисијата е член на грчката мрежа против расизмот, која пред неколку дена го објави својот годишен извештај. Во него се документирани 154 расистички мотивирани насилства во 2012 година. Вистинскиот број на вакви дела веројатно е многу повисок, поради тоа што мрежата статистички ги наведува само насилствата кои ги пријавиле самите жртви. Деликтите се насочени претежно против мигранти и бегалци од Пакистан, Авганситан и Ирак. Меѓу жртвите има и двајца странци од држави на ЕУ, како и грчки државјани.

Во мрежата против расизам се ангажираат 30 групи и организации - од Амнести Интернешнл преку Комисијата за човекови и граѓански права до Здружението на лица инфицирани со ХИВ. Тие од 2011 година заеднички објавуваат годишен извештај за расистички насилства, поради тоа што официјалната статистика на грчките власти важи за неверодостојна.

Папајоану зборува за „структурен расизам“ во земјата. Тоа значи дека расистички мотивираното насилство се‘ повеќе се отсликува во државните структури, оценува историчарот и полицаец Папајоану. Полициските и правосудните власти често се покажуваат преслаби и повремено дури и немаат желба да ги следат изврешителите, оценува тој.

Schüsse auf bengalische Arbeiter in Manolada Griechenland
Сезонски работници од Бангладеш - врз работниците во Манолада (на фотографијата горе) беше пукано со рачен пиштолФотографија: Reuters

Принудени на бездомништво

Со кризата, расистички мотивираното насилство стана поинтензивно и повидливо. Многу полошо е меѓутоа што меѓу луѓето се шири страв и несигурност. „Понекогаш работата оди дотаму што еден или друг се заканува дека ќе ги викне десните тепачи доколку смета дека соседот му сторил неправда или пак така му се заканува на потстанарот. Тоа мора да биде забрането“, се лути Папајоану. „Кој се заканува на овој начин, мора да смета со судски консеквенции.“

Реза Голами, претседател на „Здружение Обединети Авганистанци“ во Атина, се жали поради зголемениот број напади врз страни и поради значителното заострување на законот за азил во Грција. Поради заострувањето на законот во 2010 година неговите сонародници веќе речиси и немаат можност да поднесат легално барање за азил, вели Голами, кој и самиот е барател на азил во Атина. Многумина Авганистанци кои сега доаѓаат во земјата и живеат на границата, ако не и под егзистенцијалниот минимум, не им останува ништо освен да преноќеваат на отворено. На тој начин тие се особено многу изложени на расистички напади.

Поради тоа што најголемиот дел од жртвите на расистички напади во Грција живеат без важечки документи и мора да сметаат на протерување, многу напади воопшто и не се пријавуваат, ниту кај надлежните власти ниту во болниците.

Flüchtlinge aus Afghanistan in Griechenland
Бегалци од Авганистан во ГрцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Правосудството не презема мерки

Активистите за човекови права бараат дозвола за престој за жртвите на расистичко насилство и ја критикуваат полициската пракса да ги третира жртвите како сторители. Наим Елгандур, претседател на „Муслиманска Асоцијација на Грција“ во својата критика на сметка на надлежните власти дури оди и чекор понатаму и вели дека расистичките инциденти во многу случаи дури и се забошотуваат.

При толку многу напади, досега никој не е осуден, се лути 44-годишниот Елгандур, кој е од Египет и поседува грчко државјанство. Тој наведува два примери. Пред шест месеци Египќанец вработен во пекарница во местото Саламис со часови бил злоставуван од три лица. „Минатото лето во Пиреј египетски доселеници беа нападнати од непознати лица. Притоа, едно лице претрпе тешки повреди. Тој до денес добива храна по вештачки пат и беше отпуштен од болница затоа што нема здравствено осигурување. Во двата случаи извршителите досега не се казнети.“