1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

060809 Rasmussen Afghanistan

6 август 2009

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен му вети на Авганистан натамошна поддршка од страна на воената алијанса, но побара и нови стратегии за решение на конфликот во земјата.

https://p.dw.com/p/J4Ua
Генералниот секретар на НАТОФотографија: AP

Шефот на НАТО, Андерс Фог Рамсусен, пред неколку дена најави дека Авганистан ќе биде неговата главна задача. Како доказ, веќе на третиот работен ден замина во изненадувачка посета на Кабул: „Авганистан е навистина првата земја што ја посетувам во улога на нов генерален секретар на НАТО. Авганистан за мене и за НАТО има голем приоритет, веројатно најголем. НАТО и Авганистан се пријатели и заедно се бориме против непријателите на земјата.“

Секојдневни борби во очи изборите

За две недели Авганистанците треба да избираат нов претседател. Но, речиси нема ден, а во некој дел на земјата да нема загинати поради напади на екстремистите со ракети или бомби. Цивили постојано гинат и во воените акци на НАТО. „За жал, во вооружена борба тоа не може да се избегне. Но, можам да ви дадам уверување дека нашите војници ќе сторат се` за да гинат што е можно помалку цивили.“

Anders Fogh Rasmussen übernimmt das Amt des NATO-Generalsekretärs
Андерс Фог РасмусенФотографија: picture-alliance/ dpa

Нестабилната ситуација во земјата пред изборите беше и централната тема за разговор на Рамсусен и претседателот на земјата, Хамид Карзаи. Според Расмусен, успехот на НАТО во Авганистан ќе се мери според тоа дали ќе се успее во постепено префрлање на одговорноста за безбедноста во авганистански раце: „Мора да сфатиме дека нема чисто воено решение за ситуацијата во Авганистан. Потребен ни е поширок ангажман.“

Расусен за дијалог со умерените Талибанци

На почетокот на неделата генералниот секретар на НАТО не исклучи и водење разговори со умерените Талибанци: „Подготвен сум на прагматични чекори. Притоа мислам на безбедноста за нашите трупи и ако за тоа се неопходни разговори со различни групи во општеството, јас сум на тоа подготвен.“ Предуслов за тоа е овие групи да го положат оружјето, вели Расмусен, а тоа тешко дека ќе се случи без воен притисок од страна на НАТО. „Ги уверувам луѓето во Авганистан дека ќе ја поддржуваме земјата се` додека на си ја завршиме работата.“

Расмусен денеска води разговори со командантот на меѓународните сили во Авганистан, Стенли Меккристал, а вчера веќе имаше средба со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи.

Автор: Илка Штајнхаузен / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска