1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расплет во еврокризата

Жанг Данхонг / Симе Недевски21 август 2012

На привидниот мир во еврозоната му дојде крајот. Вообичаените лоши вести се повторно тука. Но, без паника! Европската централна банка подготвува одбрана. “Супер Марио“ ќе ја спаси работата!

https://p.dw.com/p/15taD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Владата во Атина повторно пресмета погрешно. Следните 2 години ќе и’ недостасуваат не 11,5 милијарди евра, како што беше објавено, туку 14 милијарди. Тоа, во споредба со 240-те милијарди од двата пакета помош и 100-те милијарди за кои е намален грчкиот долг, и не звучи многу. Но, спасителите се заморија. Како да им се објасни на жителите на Германија, Холандија, Австрија и на Финска дека треба да се подготви и трет пакет? Поради тоа се разговара како земјите кои им дадоа заем на Грците сега да им излезат пресрет на друг начин: да ги намалат каматите или едноставно да го одложат рокот на плаќање?

Но, кризата почна да се загрева и во уште еден лонец: и Шпанија наскоро би можела да побара помош од, за тоа предвидените, фондови. Новата молба за помош изгледа „неизбежна“, изјави градоначалничката на Мадрид Ана Ботеја. Таа е првата високо позиционирана шпанска политичарка која го призна тоа. Вложувачите масовно и’ го вртат грбот на четвртата економска сила во еврозоната. Во вториот квартал извлечен е капитал како никогаш во последните 20 години. Уште еден знак на недовербата на финансиските пазари се високите камати, кои тие ги бараат од шпанската држава за долгорочни кредити. Десетгодишните камати изнесуваат седум проценти. Таквото оптоварување тешко која земја би можела да го издржи на подолг рок. Шпанскиот министер за економија Луис де Гиндос од Европската централна банка бара да ги купи неограничено шпанските државни обрврзници. Тој смета дека само така трајно може да попушти каматниот притисок.

ЕБЦ како последно прибежиште

Пред еден месец сите со неверување ги вртеа главите - за што тој зборува? Тоа би значело Европската централна банка отворено да финансира некоја држава. Тоа е граница која никогаш не треба да се пречекори. Но, кога претседателот на ЕЦБ Марио Драги кон крајот на јули рече дека ќе направи се’ за да го спаси еврото, одеднаш и незамисливото стана замисливо.

Spanien Eurokrise Schulden Schuldenkrise
Фотографија: dapd

Сега оваа најава го добива и својот облик. Според германскиот неделник „Шпигел“, ЕЦБ размислува за тоа за секоја земја да воведе индивидуални горни граници. Во случај да се надмине ограничувањето, ЕЦБ наводно ќе купува обврзници од таа земја во неограничени количества. ЕЦБ ќе користи секакво оружје за заплашување и на шпекулантите ќе им објави војна. Битката за заедничката валута ќе биде добиена, бидејќи таа може еврата да ги печати во недоглед. Во меѓувреме, на овие гласини реагираше и ЕЦБ: „ Извештаи за решенија кои се’ уште не се донесени, апсолутно водат во погрешен правец“, изјави портпаролот на ЕЦБ во понеделникот (20.08.).

Но, финансиските пазари имаат доверба во ЕЦБ. Веќе со денови акциите на берзите во Европа растат и покрај тоа што голем број од земјите се во рецесија, а добивките на компаниите се топат. Тоа е плодна почва за нов „финансиски меур од сапуница“.

„Италијанска монетарна унија“

Но, надуениот „меур од акции“ и политиката за спасување на еврото на ЕЦБ имаат нешто заедничко - ни едното, ниту пак другото може долго да трае. Бидејќи со дарежливо купување на државни обврзници Централната банка на земјите должнички од периферијата на еврозоната не го ослободува само каматниот притисок, туку и притиска да се спроведат реформи. Тоа повторно ќе доведе до потреба за спасување. Машините за печатење банкноти на ЕЦБ  веќе нема да престанат да работат. Со тоа ќе биде спречен распадот на еврозоната, но нема да може да се спречи понатамошната инфлација во јадрото на монетарната унија, смета експертот Јерг Кремер од Комерцбанк:

Mario Draghi Pressekonferenz Frankfurt
„Супер Марио“ - претседателот на ЕЦБ, Марио ДрагиФотографија: Reuters

„Политиката на ЕЦБ, која се прилагодува на потребите на периферните земји, како и бавното спроведување на реформите во тие периферни земји, со текот на годините ќе доведат до значителен пад на вредноста на еврото во однос на мнозинството други валути“, напиша Кремер во една своја анализа. Високата инфлација, слабата валута, тоа потсетува на Италија во седумдесетите и осумдесетите години од минатиот век. Поради тоа, тој на еврозоната и’ предвидува сценарио на „италијанска монетарна унија“.

Заклучок: „Супер Марио“ краткорочно ќе ги усреќи финансиските пазари на јужните европски земји, како и политичарите. Долгорочно, „периферните земји“ се враќаат во добро познатата состојба од времето пред монетарната унија. Цената за одржување на еврозоната на крај ја плаќаат граѓаните од јадрото на Унијата. Но, бидејќи последиците ќе можат да се почуствуваат по некое време, политичарите се надеваат дека граѓаните ќе можат да се задоволат веќе и со фактот дека тој процес е забавен.