1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расправа во Европарламентот за македонското малцинство во Грција

Тони Гламчевски18 јануари 2008

Пред Европскиот парламент, прв пат на официјален состанок се најде на дневниот ред положбата на македонското малцинство во Грција. Договорено е делегација европарламентарци да ја посети Грција

https://p.dw.com/p/CtTT
Европскиот парламент во СтразбурФотографија: dpa - Bildarchiv

На дневниот ред на парламентарната меѓугрупа за промовирање и подобро запознавање со традиционалните национални малцинства, уставните региони и регионалните јазици, во која заседаваат европратеници од повеќе европски земји имаше две точки. Првата, десетгодишнината од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и втората, македонското малцинство во Грција.

Интересен избор на дневен ред, ако се знае дека Грција не го има прифатено овај европски инструмент со кој се гарантираат правата на малцинствата.

Како да се подобри ситуацијата на малцинствата?

Иницијатор на расправата беше Златка Гилер, потпретедателка на Федералната унија на европските народности. „Федералната Унија сака да посредува и разговара со официјалните институции за положбата на малцинствата и нејзиното подобрување.“ – објаснува Гилер. Златка Гилер, инаку припадник на хрватското малцинство од Австрија и чиј јазик е најблизок до македонскиот јазик, од здруженијата членки на Унијата беше испратена во информативна мисија во Грција. Тоа што го виде при посетата ја изненади, посебно поради фактот дека Грција долго време е членка на Европската унија. Како стравот да се зборува и неможноста да се изучува македонскиот јазик и притисоците од државните органи.

Проблемите со кои се соочува македонското малцинство во Грција изложени пред европарламентарците

Кратка анализа пред европарламентарците за дискриминацијата на кое е изложено македонското малцинство во Грција, проблемите со кои се среќаваат македонците политички-бегалци од граѓанската војна и македонците економски имигранти од Грција, направи членот на раководството на Виножито-Европска слободна алијанса, Павле Воскопулос. „Настојуваме на сите можни начини во меѓународните форуми да го поставиме нашето прашање. Покрај главните информации што и се познати на македонската јавност, околу позицијата, неправдините и нестатусот и неправата кои Македонското малцинство ги има во Грција. Ние сакавме да размениме мислења, односно да испратиме покана до членовите на оваа група и комисија, во рамките на нејзините активности да дојдат во Грција. Да се обидат со грчките претставници, односно со претставниците на грчката влада и заедно со нас, барем да се започне дијалог за решавање на проблемите на македонското малцинство во Грција.“

Делегација европратеници ќе ја посети Грција

Изненадени од тежината на дискриминацијата, на кое е изложено македонското малцинство во Грција, европратениците одлучија да испратат една нивна делегација во оваа земја.

Словенечката европратеничка, Мојца Дрчар Мурко која присуствуваше ма состанокот на Групата за националните малцинства при ЕП, ни вели: „Мислам дека за Македонците во Грција и Бугарија, апсолутно никој ништо не знае за нивниот проблем и за нивното постоење. Многу зависи од тоа како ќе се подобри политичката положба на македонското малцнство во овие земји.“

Сепак словенечката европратеничка е реална. „Не треба да очекуваме многу, бидејќи отпорот на грчките парламемнтарци е многу силен. Тоа се гледа во случајот со името на Република Македонија. А тоа што денес го слушнавме, уште повеќе ме убедува дека ќе биде многу тешко дека ќе успееме да излеземе со нешто. Но потребно е да се започне со една мисија на теренот, да се разговара и тоа може да му помогне на Парламентот да изгради своја позиција.“