1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Распутин од бриселските ходници

Бернд Ригерт
13 март 2018

Како Мартин Зелмајер во сомнителен процес преку ноќ стана шеф на целата бриселска бирократија, кој е овој Германец и што зборува блиц-унапредувањето без конкурс за ЕУ? Дали Германците целосно доминираат со Брисел?

https://p.dw.com/p/2uFEU
Brüssel EU Martin Selmayr
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Mayo

Мартин Зелмајер од први март е генерален секретар на Европската унија. Функцијата не звучи спектакуларно, но бриселскиот чиновник кој ќе се најде на неа, станува шеф на гломазниот и скап апарат во кој работат 32.000 луѓе. Зад „вселенскиот брод Брисел“, како што критичарите пежоративно ја нарекуваат ордата чиновници, малкумина чуле за Зелмајер и функцијата која ја извршува.

Унапредувањето на германскиот службеник со недели е тема во медиумите. Европскиот парламент вчера (12.03.), додуша со прилично празни клупи, дискутираше за Зелмајер, а претставници на Европската комисија мораа да се правдаат. Дури и техничкиот министер за финансии на Германија, Петер Алтмајер, ја прокоментира работата на маргините на еден состанок во Брисел. „Работев со Зелмајер. Соработката беше секогаш полна со доверба, беше океј.“

Кој е Мартин Зелмајер? Некои медиуми го нарекуваат „Распутин кој влече конци од заднина“, сива еминенција зад претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, тајно оружје на германската канцеларка. Едно е извесно - тој официјално не работи за германската влада.

Brüssel EU Martin Selmayr
Голема врева за именувањето на ЗелмајерФотографија: Reuters/E. Vidal

Паметен и пргав

Зелмајер е правник, роден е во 1970. година, кариерата ја градел во Европската централна банка и во медиумскиот концерн Бертелсман, а од 2004. година е вработен во Европската комисија. Бил портпарол на шефот на кабинетот на комесарката Вивијан Рединг. Раководел со изборната кампања на Жан-Клод Јункер пред европските избори, а потоа станал негов шеф на кабинетот и личен советник.

Кога разговара со новинарите во Брисел, секогаш е коректен и итар, јасно се гледа самоувереноста, знае дека е одличен и лојален чиновник. Просечноста не го интересира, на сака критика на сметка на ЕК и вредностите на европското обединување со кои парадира во секоја прилика. Луѓето кои работат со него велат дека знае да биде пргав и шефува од висина, понекогаш е арогантен.

...прочитајте уште: 

60 години ЕУ: Јубилеј во криза

Зелмајер, поради брзото искачување во хиерархијата, сигурно има бројни непријатели во бриселската машинерија, од Комисијата, преку Парламентот, па до новинарите. Последен пат на заб го зеде угледниот портал „Политико“, кој припаѓа на германскиот концерн „Шпрингер“. Тој портал пишува за „Зелмајер-гејт“ и во една иронична фотомонтажа го претстави новиот генерален секретар како калуѓерка.

На сето ова му претходеше гаф на портпаролот на ЕК Маргаритис Шинас, кој на една прес-конференција рече дека при поставувањето на Зелмајер на новата функција правилата се почитувани со „религиозен жар“. И тоа откако од европратениците од Зелените во Европарламентот и од страна на француски и британски новинари стигнаа критики кон необичниот процес на избор на генералниот секретар.

Martin Selmayr und Jean-Claude Juncker
Мартин Зелмајер зад својот шеф Јункер во изборна кампањаФотографија: picture alliance/dpa/T.Monasse

Мистериозно унапредување

Зелмајер, спротивно на вообичаената хиерархија, прво беше поставен за заменик-генерален секретар, а потоа, неколку секунди подоцна, именуван за генерален секретар. Правно, тоа е во ред, тврдеше вчера пред Европарламентот германскиот еврокомесар Гинтер Етингер, задолжен за персонални прашања.

Сепак, постапката остава горчлив вкус и многу отворени прашања. Единствена противкандидатка за местото заменик-генерален секретар беше блиската соработничка на Зелмајер која потоа - ја повлекла кадидатурата. Така беше избран Зелмајер, а дамата потоа стана негова наследничка во кабинетот на Жан-Клод Јункер. Дали ова може да биде случајност?

Досегашниот генерален секретар Александер Италијанер, Холанѓанец, се повлече од функцијата и стана „советник со посебни задачи“. Истиот ден Зелмајер беше именуван без конкурс. Наводно, многу од 28-те еврокомесари за ова важно поставување дознале во последен час.

„Антигермански напад“

Пратениците од Зелените сметаат дека со целата игра раководел Зелмајер. „Поделба на функциите на препад буди впечаток дека станува збор за непотизам“, рече германскиот пратеник Свен Гиголд. Тој навистина се огради - дека не станува збор за личност, туку за постапките на ЕК. „Европа им дава прилика на популистите да ја напаѓаат поради блиц-унапредувањето на Зелмајер. За сите позиции во институциите на ЕУ мора да постојат отворени конкурси“, истакна Гиголд.

Германскиот демохристијански европратеник Елмар Брок го зеде Зелмајер во заштита. Сѐ е направено како треба, рече тој во дебатата: „Во прашање е антигермански напад.“ Германскиот министер Алтмајер исто така реагираше во таа насока: „Не смее да станува збор за националност, туку дали е некој добар Европеец.“

Тие на овој начин реагираа на пишувањето на британскиот печат, кој Зелмајер го нарече „антибритански“ службеник поради неговите позиции за Брегзит. Лондонските весници освен тоа се жалат на доминација на Германци во бриселските ходници. Крајно, и највисоките службеници во Европскиот парламент и Службата за надворешни работи на ЕУ исто така се - Германци.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија