1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Растат бројките на бегалците и жртвите од сирискиот конфликт

Александар Методијев/афп/миа16 јуни 2012

Повеќе од 1.000 семејства биле заглавени денеска во неколку предградија во Хомс, по што биле изложени на бомбардирање од сириските безбедносни сили. ОН ги обвинуваат и опозиционерите и власта за ескалација на конфликтот.

https://p.dw.com/p/15GN3
Фотографија: dapd

Сириската опсерваторија за човекови права информира дека повеќе од 1.000 семејства со жени и деца се заглавени во неколку предградија на Хомс и оти немаат пристап до храна ниту медицинска опрема. Оваа организација со седиште во Лондон упати итен повик до генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и „до сите со чувство за хуманост да интервенираат веднаш, со цел да стават крај на продолжените гранатирања“. Организацијата повикува и на „евакуација и заштита на мноштвото повредени“.

„Повеќе од 100 лица се повредени, а мнозинството од нив тешко, а недостатокот од медицинска опрема занчи дека некои од нив ќе починат“, стои во повикот на организацијата, при што се нагласува и дека постои недостаток и од медицински персонал.

Unruhen in Syrien UN-Beobachtermission
Набљудувачите од ОН ги обвинуваат и власта и опозицијата за ескалацијата на конфликтот во СиријаФотографија: dapd

Во исто време, набљудувачите од ОН ги обвинија двете страни во сирискиот конфликт за ескалирање на насилството. Тие информираат дека само во последните три дена се убиени 150 лица во Сирија.

Обвинувањата стасаа откако Русија порача дека меѓународниот притисок треба да се зголеми „и врз режимот, но и врз опозицијата, за да се принудат на примирје“ и да седнат на разговори.

Сириската опсерваторија за човекови права смета дека набљудувачите од ОН треба да ја напуштат земјата ако не можат да го запрат насилството во Сирија. Повеќе од 14.000 лица, најголем дел цивили, се убиени од почетокот на антивладината побуна во земјата во март минатата година.

Растат и бројките на бегалците од земјата. Бројот на лицата кои од Сирија пребегале во Турција е зголемен во последните денови. Спас во Турција имаат пронајдено 30.800 лица. Бегалците се сместени во кампови на турската Црвена полумесечина во окрузите Хатај, Газиантеп, Шанлурфа и Килис, во близина на сириската граница.