1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте бројот на жртвите во земјотресот во Кина

Александар Методијев/ројтерс/афп20 април 2013

Во силен земјотрес од околу 7 степени денеска во југозападната кинеска провинција Сичуан загинаа над 150 лица. Околу 3.000 лица се повредени. Земјотресот е во близина на оној од 2008 година, кога загинаа 70.000 луѓе.

https://p.dw.com/p/18Jrp
Фотографија: AFP/Getty Images

Кинеската телевизија ЦЦТВ, пренесувајќи информација од Кинеската служба за земјотреси, информираше дека пројот на загинатите се искачил на над 150 лица. Во силниот земјотрес се уништени 10.000 домови, информираа властите во провинцијата Сичуан.

Локалните сеизмолози јачината на земјотресот ја регистрираат со 7 степени, додека американските сеизмолози со 6,6 степени. Епицентарот бил на 12 километри длабоко во земјата. По првичниот удар следувале уште 260 дополнителни потреси. Земјотресот бил почувствуван и од жителите во соседните провинции, кои се оддалечени на неколку стотина илјади километри, како и во Ченгду, главниот град на провинцијата Сичуан, каде многу луѓе побегнале од зградите во кои живеат.

Претседателот Си Џинпинг и премиерот Ли Кекианг изјавија дека ќе се направат сите напори за спасување на затрупаните лица за да не се дозволи бројката на загинати да расте.

Erdebeben in China am 20. April 2013
Од под урнатините се извлекуваат повредени лицаФотографија: AFP/Getty Images

„Во моментов најургентното прашање е да се искористат првите 24 часа по земјотресот, кои се златно време за спасување животи“, изјави кинескиот премиер, кој пристигна на погоденото подрачје и направи обиколка со хеликоптер над разурнатите објекти.

Агенцијата Ксинхуа информираше дека 6.000 членови на безбедносните сили се упатени кон погодената област за да помогнат во спасувањето на преживеаните. Кинеските медиуми покажуваат слики од раскрвавени луѓе кои добиваат помош во тенди пред болницата во Лушан, која во земјотресот била малку оштетена. Во ова место има најмногу загинати, а таму во прекин е дотокот на вода и струја. Во Лушан се извадени 32 преживеани лица од под урнатините.

Erdebeben in China am 20. April 2013
Медицинска помош се добива под тенди пред болницаФотографија: picture-alliance/AP

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и‘ понуди на Кина германска помош и изрази сочувство за загинувањето на луѓето.

Помош во справувањето со последиците од земјотресот понуди и рускиот претседател Владимир Путин. Во телеграмата до неговиот кинески колега тој изразува жалење и нуди помош.