1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте насилството против христијаните во Египет

Матијас Зајлер/ Александра Трајковска 23 август 2013

Откако претседателот Мурси беше симнат од власт, исламистите засилено напаѓаат христијански институции во земјата. Тие ги сметаат христијаните за соодговорни за падот на Мурси. Не ги штити ни полицијата ни судството.

https://p.dw.com/p/19Ueg
Фотографија: AFP/Getty Images

На коптските христијани во Египет никогаш не им било лесно. Но, она што се случува по соборувањето на претседателот Мохамед Мурси во земјата на Нил, дури и за египетски околности добива нови примеси: само по масакрот на стотици демонстранти исламисти на 14. август, според Ишак Ибрахими од Египетската иницијатива за лични права (Egyptian Initiative for Personal Rights - EIPR), биле изведени најмалку 44 напади врз христијански цркви. Со тоа се мисли само на напади при кои црквите се уништени целосно или голем дел од нив. Тука не се вбројани нападите при кои не е настаната поголема штета.

Ситуацијата значително се влоши по соборувањето на Мурси на 3. јули. Ишак Ибрахим, научник во истражувачката програма за религиозна слобода при Египетската иницијатива за лични права, смета дека за ваквата состојба постои една централна причина. „Можевме да набљудуваме како водачи на Муслиманското братство подбуцнуваа против коптите. Тие на нивните приврзаници им го пренесуваат впечатокот дека коптите заедно со армијата го избркале од функција Муслиманскиот брат Мурси, за да стават крај на исламското владеење“.

Zerstörte koptische Kirchen in Ägypten
Изгорена и уништена - коптска црква во МалавиФотографија: Reuters/Stringer

Муслиманските браќа подбуцнуваат против христијаните

Високи по ранг претставници на Муслиманското братство постојано тврдат дека коптските христијани биле против шеријатските закони и против исламот во Египет. Папата на коптите Теодор Втори од Александрија уште пред соборувањето на Мурси повеќе пати ја изрази неговата поддршка за министерот за одбрана Абдел Фатах ал Сиси и се произнесе во полза на силите за безбедност и нивната „борба против тероризмот“. Кога Ал Сиси на 3. јули пред камерите го објави симнувањето на Мурси од власт, коптскиот папа седеше покрај шефот на армијата, но таму беше присутен и највисокиот духовен водач на сунитите, шеикот ал Азхат, Ахмед Мохамед ал Тајеб.

Иако Муслиманските браќа, барем јавно, нагласуваат дека немале ништо против христијаните, на арапските интернет страници постојано може да се прочита спротивното. На регионалната страница на Фејсбук на Партијата за слобода и праведност на Муслиманските браќа во Хелван се инсинуира дека коптскиот папа поддржувал групи кои напаѓале џамии и предизвикувале хаос на улиците. Освен тоа, како што обвинуваат тие, црквата наводно водела војна против исламот и муслиманите.

Вакви интернет страници биле лажирани за да се озлогласат одредени групи, се вели од страна на Муслиманските браќа. Истото тие го тврдат и за сегашните напади врз црквите.

Но, според поранешна реторика на Муслиманските браќа, може да се претпостави дека сегашните напади навистина доаѓаат од исламисти. Еден од тие напади се случи на почетокот на август во селото Бани Ахмед, во провинцијата Шаркиа. Нападот бил предизвикан од караница меѓу христијанин, кој го славел соборувањето на Мурси и еден муслиман кој го поддржувал екс претседателот. Ишак Ибрахими од Египетската иницијатива за лични права информира што следувало по караницата: „Повеќе стотици муслимани од околните села потоа напаѓаа куќи на христијани и цркви. Христијаните се обидуваа да ги заштитат нивните куќи. Но на крајот беа запалени и ограбени 43 куќи“.

Koptischer Papst Tawadros II, Orthodoxe Kirche
Папата на коптите Теодор Втори од АлександријаФотографија: Reuters

Полицијата како во повеќето вакви случаи излезе на терен часови подоцна. Проблематична пред сѐ е натамошната постапка при вакви случаи. Имено, честопати се свикуваат т.н. седници за помирување, односно средби меѓу претставници на христијанските и муслиманските жители на едно место. На овие неформални средби се склучуваат вонсудски спогодби меѓу двете групи.

Државните институции честопати се залагаат за вакви спогодби. Но, на тој начин се поткопува правниот систем. Сторителите најчесто избегнуваат казнено гонење. Застрашувачкото влијание изостанува поради честото неказнување.

Во Бани Ахмед погодените христијани го пријавија нападот во првата полициска станица. Потоа претставници на Муслиманското братство, според Ишак Ибрахими, рекоа дека ќе го решеле проблемот. На крајот било заклучено да се формира седумчлен „правен комитет“. Сите седум членови на комитетот биле муслимани, петмина од нив членови на Муслиманското братство.

Koptische Christen in Ägypten
Околу 10 проценти од 85 милиони Египќани се коптски христијаниФотографија: picture-alliance/Arved Gintenreiter

Ишак Ибрахими резултатот од седницата за помирување го опишува вака: „Христијаните мораа да ја повлечат пријавата од полиција и жртвите не добија финансиско обесштетување. Доколку повторно избие борба, ниту една од двете страни нема да ја нападне ’божјата куќа’ на другиот. Освен тоа, во тој случај повторно комитетот треба да донесе пресуда“.

Резултатот од седницата за помирување во Бани Ахмед покажува дека проблемот не е само поради нападите на исламистичките екстремисти. Пред сѐ потфрлаат државниот безбедносен апарат и правосудството, како што постојано нагласуваат голем број организации за човекови права. Коптските христијани на овој начин не можат да ги спроведат своите права и честопати се изложени на самоволието на исламистите.

Вакво потфрлување на државните институции постоеше уште во времето на Хосни Мубарак и Мохамед Мурси. Но, по соборувањето на Мурси, со растењето на бројот на нападите, проблемот доби нова димензија. Во моментов не е на повидок намалување на нападите. Речиси секојдневно се случуваат нови напади врз цркви и христијански институции.