1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте невработеноста во светот

ЕМФ/ртр3 јуни 2013

Во светот до 2015 година ќе има 208 милиони невработени, проценува Меѓународната организација за труд - ИЛО. Се зголемува јазот меѓу сиромашните и богатите во индустриските земји.

https://p.dw.com/p/18iv6
Фотографија: picture-alliance/dpa

И покрај малото опоравување на глобалната конјуктура, бројот на невработени во светот ќе се зголемува и наредните години. Меѓународната организација за труд - ИЛО, соопшти дека во повеќето земји во развој и во забрзан подем има позитивни знаци на зголемено вработување, но „сликата од богатите земји е мрачна“. Во извештајот на ИЛО „Светот на работата 2013“, објавен денеска (03.06), се нотира дека стапката на невработеност во еврозоната во април достигнала рекордно ниво од 12,2%, односно без работа биле 19,4 милиони луѓе. „Во дел од европските држави во опасност е доведена економската и социјална структура“, изјави генералниот директор на ИЛО, Гај Рајдер.

Logo ILO International Labor Organization
Проценките на ИЛО се мрачниФотографија: AP GraphicsBank

Бројот на невработени во светот, од актуелните 200 милиони, до 2015 година ќе се зголеми на 208 милиони, проценува ИЛО. Во повеќето земји во развој и земји во забрзан подем останува и натаму длабок јазот меѓу сиромашните и богатите. Многу семејства кои само што успеале да се искачат над границата на сиромаштија се соочени со повторен пад.

Нееднаквоста во примањата во индустриските држави во последните две години се зголемила. Во голем дел од овие држави, вклучително и Германија, се намалува средниот слој. „Причини за тоа се долготрајната невработенoст, нискиот квалитет на вработувањето и фактот дека се‘ повеќе луѓе сосема се исклучени од пазарот на работна сила“, се вели во извештајот. За разлика од тоа, во многу земји платите на менаџерите „по извесна пауза“ поради финансиската криза, сега се повторно во силен подем.