1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте опасноста од социјални безредија во Европа

Хендрик Хајнце / Елизабета Милошевска Фиданоска9 април 2013

Поради големата невработеност во ЕУ, социјалните немири се се‘ поверојатни. Така барем оценува организацијата за труд - ИЛО. Таа предупредува дека пазарот на работна сила не смее да се заборави во занесот на штедењето.

https://p.dw.com/p/18CDt
Фотографија: Reuters

„Кога невработеноста е толку голема како сега, кога сиромаштијата се зголемува и кога социјалната заштита се влошува, тогаш опасноста од социјални немири се зголемува“, вели Мигел Анхел Мало, професор по економија од Саламанка, Шпанија, земја во која 56 проценти од младите немаат работа. Мало е и експерт на Меѓународната оргаизација за труд ИЛО. За ИЛО тој состави документ чија главна теза е вознемирувачка - социјалните немири стануваат се‘ поверојатни, барем во делови на Европа, затоа што, како што вели неизречената втора теза - развојот на Европа се одвива во различни насоки.

Се‘ повеќе невработени

Според наводи на ИЛО, во моментов невработени се 26,3 милиони Европејци, или десет милиони повеќе отколку пред избивањето на кризата во 2008 година. Европските пазари на работна сила во просек се послаби отколку пред кризата. Само пет земји бележат помала невработеност во споредба со 2008-та, и тоа Австрија, Германија, Унгарија, Луксембург и Малта.

Logo ILO International Labor Organization
Предвидувањата на ИЛО се засноваат врз проценката на условите во кои живеат и работат луѓето во ЕУФотографија: AP GraphicsBank

Стапката на невработеност во ЕУ изнесува 10,9%, пишуваат Мало и колегите, или е за цели 4,1% повисока од нивото пред кризата. Притоа, невработеноста во еврозоната расте многу побрзо отколку во останатиот дел на ЕУ и во февруари 2013 изнесуваше дури 12%.

Ќе се прелее ли чашата?

Меѓутоа, многу поинтересни од голите бројки се заклучоците кои експертите од тоа ги извлекуваат. Ако се погледнат губитниците од ваквиот развој во ЕУ, тогаш може да се претпостави зошто ИЛО предупредува од опасноста од безредија. Без работа се пред се‘ три групи:

Млади - секој четврт е без работа, а во Грција и Шпанија дури повеќе од секој втор. Во 26 од 27 земји на ЕУ невработеноста на младите во кризните години се зголемила, освен во Германија.

Невработени со долг стаж на чекање - нивниот број е речиси двојно поголем, од 5,8 милиони во 2008 година на 11 милиони денес

Нискоквалификувани - негативниот развој на пазарот за труд оваа група ја погаѓа повеќе од висококвалификуваните и лицата со универзитетска диплома

Експрес-лонец Европа

Дали ако притисокот во лонецот стане неподнослив, капакот ќе летне?

Социологот Мартин Дивалд за ДВ вели: „Не, за такво нешто во Европа не гледам знаци.“ Тоа можеби не може да се исклучи за некои земји кои се особено тешко погодени од кризата, но „да се претпоставуваат страшни сценарија сметам дека е претерано“, вели Дивалд.

Griechenland Bauern Proteste hohe Produktionskosten
Невработеноста расте, сиромаштијата се зголемува...Фотографија: Reuters

Веројатноста да се случи вакво нешто и онака не може да се измери, може само да се претпоставува. ИЛО верува дека социјалните безредија во ЕУ во моментов се за 12 проценти поверојатни отколку пред кризата. За да стигне до овој број, ИЛО разви сопствена постапка на проценка. Основа за тоа се пред се‘ проценките на учесниците во истражувањето. „Нашата постапка е директно поврзана со условите во кои работат и живеат луѓето’, нагласува експертот на ИЛО, Мало.

ИЛО предлага промена на курсот

Колку тие полошо ја оценуваат економската и политичката состојба, толку поголем е ризикот од социјални немири, оценува ИЛО. Според оваа организација, опасноста од социјални безредија се зголемила во Кипар и Грција, Италија и Португалија, Шпанија, Словенија и Чешка. Таа е пак пониска во Германија, Финска, Белгија, Словачка и Шведска.

Griechenland Finanzkrise Ausschreitung Protest in Athen
За да не дојде до немири, ИЛО на земјите на ЕУ им предлага промена на курсотФотографија: Reuters

За да не дојде до немири, ИЛО на земјите на ЕУ им предлага промена на курсот - да се остави настрана политиката на штедење и да се оди во насока на целно поттикнување на пазарот на работна сила. „Работата мора да биде исто толку важна цел на напорите како и буџетската контрола или другите економски цели“, вели професорот Мало.

Дел од барањата на ИЛО се плати кои ќе бидат во најмала рака стабилни, а по можност и повисоки од сегашното ниво, за работниците да можат да купуваат и со тоа да и‘ дадат поттик на економијата. ИЛО бара и повеќе банкарски кредити за малите и средни претпријатија. Освен тоа, неопходни се програми за пазарот на работна сила и гаранции за вработување за младите. За чашата да не се прелее!