1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции на изборот на Харадинај за премиер на Косово

4 декември 2004

“Изборот на Рамуш Харадинај за косовски премиер е провкација за сите кои се залагаат за мирно, договорно и одржливо решение за косовскиот проблем“ - оцени српскиот премиер Воислав Коштуница и свика за денеска вонредна седница на владата.

https://p.dw.com/p/AcJJ
ЕУ дипломатот Солана
ЕУ дипломатот СоланаФотографија: AP

“Наместо политика на добра волја, со овој чин на српскиот народ во покраината, на Србија и Црна Гора, на Европа и на светот им се испраќаат сигнали на екстремистичка политика што и доведе до погромот над Србите на 17 и 18 март годинава.“

Изборот на Рамуш Харадинај, кој може да се најде на списокот на Хашкиот трибунал за воени злостори, е политичка провокација и знак на екстремистичка политика, порача шефот на српската влада, Воислав Коштуница во образложението за свикување на вонредната седница на владата. “Познато е во домашните и во меѓународните кругови дека станува збор за лице со криминално минато, како во војна, така и во мир.“

И Српското движење за обнова, чиј лидер е актуелниот министер за надворешни работи, Вук Драшковиќ, остро го осуди изборот на Харадинај за косовски премиер. Меѓународната заедница беше должна да го спречи изборот на Харадинај веќе и поради фактот што тој се наоѓа под истрага на Хашкиот трибунал. Неговиот избор дополнително ќе го успори и оптовари итно потребниот дијалог меѓу Србите и Албанците на Косово за примена на европските стандарди во покраината“ - оценува Српското движење за обнова.

И кооординаторот на европската надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана негативно се изјасни за номинирањето на Рамуш Харадинај за премиер на косовската влада. Поранешен водач на бутновниците, кој се наоѓа под сомнение за воени злостори не е најдобриот избор за да го води Косово, оцени Солана.

Претставник на американскиот Стејт департмент, пак, изјави дека американската администрација не сака да шпекулира околу можните обвиненија пред Хашкиот трибунал, но сепак очекува потполна соработка од сите кои ќе бидат обвинети. Инаку, приоритет на новата влада на Косово треба да биде мултиетничноста, толеранцијата и владеењето на законот, порача претставникот на Стејт депармтентот. Шефот на американската канцеларија за врски во Приштина, Филип Голдберг изјави дека тесно ќе соработува со новиот владин кабинет и нагласи дека владата е одговорна за исполнување на стандардите на Косово и треба потполно да и се посвети на таа цел.

Шефот на германската канцеларија Јирген Енглер пак по изборот на Харадинај кусо порача:

“СРГ соработува со секоја демократски избрана влада, тоа не е никакво прашање.“

Рамуш Харадинај непосредно по поддршката од пратениците најави:

“Им се заблагодарувам на сите кои ме избраа. Вие секако дознавте дека на симболичен начин ја предадов првата копија на владината програма, што ќе се најде на дневниот ред на новиот кабинет в понеделник. Во неа станува збор за успешна примена на планот за стандардите на Косово и воопшто за неговиот натамошен развој“ - рече Харадинај и додаде дека неговата влада планира да ги подобри животните услови на косовските Срби преку децентрализација, преку работата на Министерството за враќање итн.

Лидерите на двете најважни опозициони партии на Косово Хашим Тачи и Ветон Сурои најавија дека ќе одиграат конструктивна опозиција во новиот парламент. Тачи уште изрази уверување дека околу целта за постигнување независност на Косово со владеачките партии постои повеќе согласност, отколку разлики.

Албанскиот премиер Фатос Нано му честиташе на Харадинај на изборот, изразувајќи подготвеност на Албанија за соработка со новата косовска влада на секој план. А Лидерот на ДУИ Али Ахтмеи денеска и ќе допатува во Приштина на средби со новиот косовски премиер Харадинај и претседателот Ругова, како и со шефот на УНМИК Петерсен. Главни теми на разговорите ќе бидат актуелните политички случувања на Косово и во Македонија, како и институционалната соработка на двете страни.