1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реалнa бабa како лек за виртуелна лага

Синоличка Трпкова
18 мај 2018

Дали денес постојат баби што би ги сочекувале децата на излезот од виртуелниот свет, за во реалниот да им кажат да ги вклучат прво сопствените очи, уши и ум, за да разберат – пред да судат? Колумна на Синоличка Трпкова.

https://p.dw.com/p/2xvlZ
Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

Баба ми Фиља (Филимена) не беше многу образована, но беше исклучително прагматична, самосвесна и вредна. Сеќавањата за неа извираат од нејзиниот однос кон животот и здравјето. Таа беше жена што цврсто стоеше на земја и возеше велосипед дури и во нејзините седумдесетти. Не беше религиозна и не веруваше во Господ. Беше критична кон сите предрасуди и суеверија. Беше „пис” на јазик и немаше проблем да изусти каков било збор, за да го соопшти кратко и јасно својот став во име на вистината (според неа). Не робуваше на сентименталности. На долгото војничко писмо од сина си, таа одговорила -  Сит се доб, те сак, Фиљ!

Сакаше да ги советува луѓето и им „делеше ум” на сите што бараа совет од неа. Некои ја слушаа, некои не, и си тераа по „старските” адети. Беше директна и остра дури и со најблиските, за коишто се бореше како лавица кога требаше да ги заштити. Освен што имаше голема доверба во себе, таа им веруваше, по правило, само на  најпочитуваните професии - докторите и професорите. Таа сакаше и да ги пренесува на сите околу себе новонаучените достигнувања во науката и медицината, што ги собираше од разговорите со својот доктор или од весниците.

Не знам како би реагирала таа денес, во ова време на хиперпродукција на лажни дипломи и масовно неверување во наука, медицина, и во научни истражувања поткрепени со факти. Нејзиното долгогогодишно присуство во мојот живот ме одучи и ми заштеди време од барање „гатачки и бајачки”, одење в црква, бацување раце на попови, крстење за сѐ и сешто, и молење за здравје. Не велам дека тоа е лошо или добро, но јас го следам патот на баба ми. Зашто секој го прави она што мисли дека за него е најдобро и во кое што верува.

Сигурна сум дека таа со својот здраворазумски пристап кон работите влијаела и врз вредностите што нејзините деца и внуци ги изградиле во текот на животот. Влијанието што таа го имаше врз нас веројатно придонесло да се грижиме повеќе за себе, да водиме грижа за своето ментално и физичко здравје, а кога имаме здравствен проблем, да знаеме кому да се обратиме. Нејзините деца мораа да бидат образовани, да ги мијат рацете редовно, да бидат вакцинирани, а кога се болни - да одат на лекар.

Глобалното Село во кое секој може да кажува сѐ

Повеќе од очигледно е дека младите луѓе сѐ повеќе стануваат религиозни. Некои анкети велат дека кај нас 90% од населението е религиозно. Човекот сѐ повеќе се врти кон религиозната духовност и таму бара помош, кога неа не може да ја добие во реалноста. Слободата - дали и во што да веруваш - е неприкосновена и таа е интимен и личен избор. Но човек би требало да знае дека неговиот живот не зависи единствено и само од повисоки сили. Сѐ поголемата недоверба во науката и медицината со којашто се соочуваме е резултат и на влијанието на социјалните мрежи, нашето Глобално Село. Секој може да каже и напише што било, да шири лаги и дезинформации, да тврди дека е излекуван од неизлечива болест, да рекламира и продава туѓи или сопствени лекови, да измислува приказни за непостоечки настани, па дури и истражувања.

Други колумни од авторката:

Деца за љубење или за губење

Виртуелната принцеза Ирена

Денес некои луѓе сѐ уште веруваат дека земјата е рамна и дека е центар на вселената, дека некој „од горе” постојано и со намера ни ги крои судбините, нѐ труе и ни прави невреме, дека вакцините се штетни, дека децата можат да се „урочат” или дека хомосексуалноста е болест. Социјалните мрежи изобилуваат со групи што ги промовираат празноверијата и шират „рецепти” за коишто медицината и науката одамна нашле одговор. Сето ова во спрега со сѐ полошото и нецелосно образование и воспитување на младите, како и неспремноста и незаинтересираноста отворено и без срам да зборуваме дома за важни и суштински животни теми, нѐ донесоа до ова место, каде што се изгубивме во свет полн со глупости, лаги и предрасуди. Свет во којшто веројатно и баба ми ќе почнеше да се крсти!

Секој со својата вистина

Ширењето лажни вести и манипулирањето со луѓето преку социјалните мрежи не само што може да наштети на нивното здравје во даден момент, туку ја обликува и нивната сегашност и иднина. Тоа станува опасно оружје - најдобар и најефикасен начин преку којшто се „закопуваат” живи луѓе, се слави и возвишува глупоста, се исмева мудроста, се „ловат вештици”, се уништуваат невини животи. Денес буквално секој со тастатура може да учествува во создавањето виртуелни земјотреси на неизвесност и конфузија. Секако дека интернетот не бил измислен за таа намена. Но за неполни дваесет години тој се претвори и во опасно место за ширење на виртуелно ѓубре и отров. Друг мисли за нас, друг одлучува за нас, друг ни кажува што да правиме и што ќе биде, друг ни ја поплочува „судбината”... со „најдобри намери”.

Ни останува само илузијата дека постоиме и делуваме независно. Доброволно стануваме ментални зависници, често неспремни и неспособни да им се спротивставиме на виртуелните лаги. Станува дури и излишно да се чекори по виртуелните скали на бесконечни дискусии, зашто тие не водат никаде, и во коишто најгласните и најтврдоглавите остануваат со последен збор. Секој сам со својата единствена вистина за себе и светот. Човек да се запраша дали воопшто некому му е потребна критичка мисла, лекари, и научници, или барем мислење со своја глава?

Прво сфати, па суди

Не знам дали денес постојат баби како мојата што би ги сочекувале децата на излезот од виртуелниот свет, за во реалниот да се погрижат за нивното ментално и физичко здравје. Не знам ниту дали денешните баби треба да ја имаат таа задача во воспитувањето на внуците. Но во овој свет полн со виртуелни фантазии и лаги, верувам дека на внуците добро би им дошла една реална баба. Барем за да го следи нивниот календар со вакцини, да ги поттикне да мислат со своја глава и да ги однесе на лекар кога се болни. Да им каже да ги вклучат прво сопствените очи, уши и ум, за да разберат – пред да судат. Како што ме учеше баба ми!