1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ребалансот на буџетот ги изневери очекувањата

11 јуни 2010

Владината одлука да ги намали буџетските расходи за 76 милиони евра нема да ги реши проблемите, сметаат дел од експертите. Ќе се крати секаде, освен во здравството и социјалата кои добиваат повеќе пари.

https://p.dw.com/p/Nnyu
Фотографија: picture alliance/dpa

Предлог ребалансот на буџетот за годинава кој го утврди кабинетот на премиерот Никола Груевски според дел од експертите е потег кој ги изневерил очекувањата. Ребалансот е многу помал од падот на приходната страна во државната каса и нема да донесе позитивни движења во економијата, туку напротив, коментира за Дојче веле професорот Мирољуб Шукаров: „Ребалансот повеќе служи за некакви демагошки причини отколку што е реално потребен. Нема да има никаков одраз врз економијата, ниту пак ќе ги спречи натамошните позајмувања на владата од банкарскиот сектор или одлевањето од приватниот сектор во државниот. Значи, ништо ново, едноставно изневерени очекувања и веројатно дека можеби по летните одмори да се оди на втор ребаланс затоа што ова нема да може да ги реши проблемите предизвикани од намалените приливи во буџетот“, смета Шукаров.

Кои мерки ги презема владата?

Regierungsgebäude der Republik Mazedonien
Фотографија: DW

Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека со ребалансот на буџетот се предвидува усогласување на приходите и проекциите до крајот на годината со цел да се задржи претходно проектираниот буџетски дефицит од 2,5% од бруто домашниот производ. Се кратело секаде освен од здравството, социјалната заштита и пензиските фондови чии буџети ќе се зголемат за три и пол милијарди денари: „Кратење има во сите ресори, ниту еден ресор не беше поштеден. Владата водеше сметка се разбира и за обврските во процесот на интеграција во ЕУ така што во министерството за правда оставени се повеќе средства, како и во некои други сектори каде врз основа на обврските кон ЕУ требаше да обезбедиме повеќе средства, како на пример за декадата на Ромите. Во некои министерства има сериозни кратења. Едно од нив е министерството за финансии кое го скрати буџетот за 30%“, вели Ставрески.

Покрај ребалансот на буџетот, владата донесе и серија мерки за штедење. Освен намалувањето на платите на премиерот и министрите за 10% во наредните две години, се замрзнуваат и платите на јавната администрација до септември 2012 година, ќе се лимитираат телефонските трошоци, а ќе се намалат и надоместоците за управните, односно надзорните одбори и апанажата за функционерите. Експертската јавност неколкупати предупреди дека за стабилизирање на домашната економија, владата мора да ја скрати расходната страна во буџетот за најмалку 150 милиони евра.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска