1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Револтот се прелева врз другите британски градови

9 август 2011

Бранот насилство, што го зафати Лондон, продолжува да се шири. Нереди се забележани и во други британски градови. Премиерот Дејвид Камерон го прекина одморот и се врати во главниот град.

https://p.dw.com/p/12DGW
Припадник на специјалната полиција беспомошно стои пред куќа во пламенФотографија: dapd

Насилството и вандализмот во Лондон се закануваат да излезат надвор од контрола. Веќе трет ден по ред насилнички банди се движат од еден дел на градот во друг, пеплосувајќи цели улици. Насилство ги зафати и другите делови од градот, кои на почетокот беа поштедени. На некои места гори цел ред куќи, полицијата и пожарникарите се преоптоварени. Бунтовниците, кои ги почнаа нередите ноќта кон неделата во населбата Тотенхем, се пробиваат и во други делови од градот. Синоќа првпат беше јавено за немири и надвор од главниот град. Полицијата во Бирмингем јави за пљачкосувања и уништени продавници. Рано утрово немири се забележани и во Ливерпул и Бристол.

„Треба да биде јасно дека не постои оправдување за насилството, за беснеењето и за неодговорното однесување. Полицијата ќе се справува со ситуацијата онака како што ќе процени дека е најсоодветно“, истакна британската министерка за внатрешни работи Тереза Меј.

Krawalle in Tottenham London
Младите незадоволници фрлаат камења врз полицијата во ТотенхемФотографија: AP

Таа го прекина одморот и се врати во Лондон, исто како и премиерот Дејвид Камерон, кој за денеска закажа вонредна седница на националниот Совет за безбедност. И заменик-премиерот Ник Клег и лондонскиот градоначалник Борис Џонсон ги прекинаа одморите и се вратија во метрополата.

Повик до родителите

Шефот на лондонската полиција Тим Годвин го повика населението да не се движи по улиците. До родителите тој упати апел да водат сметка за децата и да не ги пуштаат да излегуваат надвор. Според медиумски извештаи, во немирите било забележано учество и на насилнички групи од деца на возраст меѓу десет и четиринаесет години. Полицијата до сега има уапсено двесте лица, истакна министерката Меј. Против дел од нив веќе се поднесени обвиненија.

Нередите почнаа ноќта кон неделата во проблематичната лондонска населба Тотенхем. Два дена претходно, 29-годишниот Марк Дуган беше убиен таму во престрелка со полицијата. Се` уште не е јасно дали Марк, инаку црнец и наводно дел од нарко-сцената, прв почнал да стрела кон полицијата. Резултатите од истрагата треба да бидат објавени денеска. Вице-премиерот Ник Клег сепак истакнува: „Тоа што го видовме минатата ноќ нема апсолутно никаква врска со убиството на Марк Дуган. Нема никакво оправдување за ескалација од таков вид.“

Автор: Себастијан Хесе / Трајче Тосев

Редактор: Горан Чутаноски