1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рединг: „За слободата на движење нема дискусија“

Верица Спасовска/ Превод: Симе Недевски12 септември 2013

Во многу земји на ЕУ, Ромите се општествено маргинализирани. Во интервју за ДВ, еврокомесарката за правда Вивиан Рединг бара од европските земји порешително да тргнат во борба против ваквата дискриминација.

https://p.dw.com/p/19gSv
Фотографија: imago

Дoјче Веле: Извештајот на Европската комисија на тема развој и напредок на интеграцијата на Ромите во земјите членки на ЕУ, објавен во јуни годинава, е толку поразувачки што многу германски медиуми го нарекуваат „извештај за стагнација“. Кои се причините за овој проблем?

Вивиан Рединг: Прво мора да се потсетиме која беше нашата почетна точка. Тоа беше непостоечката координација на полето на интеграцијата на Ромите на европско ниво. Комисијата започна со овој макотрпен, но неопходен процес. Нашиот притисок се покажа како делотворен. Имено, успеавме одделни земји-членки да ги доведеме до тоа да започнат со развој на национални, интеграциски стратегии за Ромите. Овие стратегии Комисијата ги преиспитува еднаш годишно. Така станува видливо кои земји ги извршуваат своите домашни задачи, а кои не. Така сега можеме да го видиме првиот напредок. Многубројни земји-челнки многу подобро ги координираат своите напори по прашањето на интеграција на Ромите. Но сѐ уште има многу работи што треба да се направат. На пример, во оваа работа би можело многу подобро да се вклучат и разни граѓански општествени организации. Потоа, вложувањето во образованието на Ромите е воедно и вложување во иднината. Имено, само ако овие луѓе бидат вработени и работат, само тогаш ќе можат и тие да го дадат својот придонес во општествениот развој на конкретната земја, плаќајќи во даночните благајни и воедно ќе го финансираат и пензиското осигурување.

EU Kommissarin für Justiz Grundrechte und Bürgerschaft Viviane Reding
Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Во извештајот меѓутоа се споменуваат и позитивни примери. Тоа се: регионалниот акциски план на германската покраина Берлин за подобра интеграција на дојдените Роми, како и планот на Романија на факултетите да резервира околу 15.000 студентски места за Роми. Има ли и други, слични примери?

Вивиан Рединг: Да, има, и тоа во разни земји-членки. Тука ќе споменам само некои. Во Франција, на пример, многу добро функционира соработката меѓу централните власти и локалните канцеларии, во Бугарија многу конкретно се вложуваат и се користат паричните средства на ЕУ наменети за подобра интеграција на Ромите во општеството. Унгарија направи еден солиден систем за следење на реализацијата на работата на нивните веќе постоечки национални стратегии по ова прашање. Во Шпанија околу 158 полицајци завршија посебно образование на тема дискриминација поради етничка припадност. Ваквите примери се охрабрувачки, но за жал многу често остануваат само изолирани појави. Токму поради таа причина националните стратегии за интеграција и нивната реализација се важни.

ДВ: Во Германија често може да се слушне мислењето: „Доаѓањето на Ромите во Германија може да се запре кога би се подобриле условите за живот на Ромите во нивните татковини“. Колку е тоа според Вашето мислење реално?

Вивиан Рединг: Слободата на движење е право на сите граѓани на ЕУ, тоа значи и за припадниците на сите етнички малцинства. Миграцијата на странците претставува голема шанса за Германија, како и за Европа воопшто, во тоа се согласувам со германската министерка за труд Урсула фон дер Лајен. Значи, сакањето да се запре преселување од една земја во друга би била погрешна економска политика која не би соодветствувала ни на европските права. Но истовремено е јасно дека земјите-членки мораат да сторат повеќе по прашањето за интеграција на социјално послабите, особено кога станува збор за подобри шанси за иднина на Ромите. Тие мораат да се погрижат околу пристапот на Ромите кон добро образование, како и кон пазарот на труд. ЕУ ги поддржува овие настојувања на земјите-членки со средства од социјалните фондови на ЕУ. Земјите-членки мораат многу порешително да се спротивстават на дискриминацијата на Ромите и нивното потиснување на маргините на општеството.

Viviane Reding EU Kommissarin Archiv 08.05.2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Германската сојузна влада неодамна најави примена на заострени методи во борба против доселување на сиромашни од Романија и од Бугарија. Министерот за внатрешни работи на Германија, Ханс-Петер Фридрих , неодамна изјави дека во иднина сите оние кои го злоупотребуваат германскиот социјален систем ќе бидат исфрлени од земјата и дека ќе добијат и забрана за повторен влез. Како Вие ја оценувате оваа најава на германскиот министер?

Вивиан Рединг: Ќе ви кажам сосема јасно: Слободата на движење е едно од основните права на сите граѓани на ЕУ и за неа воопшто не смее да се дискутира. Дури и од чисто јазична страна мораме нешто да разјасниме: Европските граѓанки и граѓани кои го користат своето право на слободно движење не се никакви „доселеници“. Сите европски граѓани имаат исти права. Ромите исто така се европски граѓани и се разбира само по себе, дека и тие го имаат тоа истото право, право на слобода на движење. Изгледа како во денешно време со ваквата популистичка реторика да може да се придобие по некој гласач повеќе на избори, но цената за тоа ќе ја платат идните генерации европски граѓани. Освен тоа, ваквата реторика не одговара ни на европските вредности како што се заштитата на човековото достоинство и правата на малцинствата. Затоа очекувам водечките европски политичари да му се спротивстават на ваквиот популизам. Јас во секој случај и натаму ќе се залагам за основните права за слобода на движење. Земјите членки треба да ги користат своите национални закони со цел на делотворен начин да ѝ стават крај на злоупотребата на социјалните системи, и тоа без оглед за која националност притоа станува збор. Значи оние кои ги имаат тие можности и закони и нема никаква причина за доведување во прашање на правото за слобода на движење.

ДВ: Ромите секогаш одново се жртви на расизам и насилство, дури и во земјите од ЕУ. Располага ли воопшто Еврокомисијата со доволно средства со кои може да изврши притисок врз земјите-членки за подобра заштита на правата на Ромите?

Вивиан Рединг: Според законските одредници по прашањето на рамноправноста, дискриминација врз основа на расата или етничкото потекло е забранета и тоа без оглед дали станува збор за дискриминација на полето на работата, образованието, социјалната сигурност, живеењето и пристапот до општествените добра и услужните дејности. Сите земји членки под притисок на Еврокомисијата ги воведоа овие одредници во своите национални законодавства. Значи закони постојат и земјите на ЕУ се обврзани да ги применуваат. Контролата врз тоа тоа би требало да ја имаат националните власти и националните судови. Но освен овие законски одредби, мене ми е многу важно на земјите-членки да им прижиме конкретна поддршка по ова прашање. Иницијативите кои би требало да им помогнат на Ромите мора да се одвиваат на локални нивоа, земјите-членки мораат меѓусебно да соработуваат и мора да се дејствува веднаш за да се поправи состојбата на Ромите.

Europaparlament EU-Kommissarin Viviane Reding Ungarn
Фотографија: Reuters

Интервјуто со Вивиан Рединг го водеше Верица Спасовска

Вивиан Рединг е потпретседателка на Европската Комисија и комесарка на ЕУ за правосудство. Пред да стане членка на Комисијата, Рединг долги години работеше во Европскиот Парламент. Во 2010 година Рединг како еврокомесарка за правда ја критикуваше Франција дека протерува Роми од земјата само врз основа на нивната етничка припадност.