1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Режимот на Асад обвинет за систематски мачења

ЖА/дпа/афп/ртре21 јануари 2014

Сведок од Сирија, кој порано бил на страната на режимот на Асад, изнесе докази за тешки злосторства на сирискиот властодржец: илјадници затвореници биле мачени до смрт.

https://p.dw.com/p/1AuAP
Фотографија: AP

Сириецот, кој тврди дека порано работел како фотограф во воената полиција, според извештај во британскиот весник „Гардијан“ и американски Си-Ен-Ен донесол фотографии кои документираат систематско измачување и свирепо убивање на над 11 илјади затвореници.

Тројца реномирани правници ги оценија тврдењата на Сириецот за веродостојни, а неговиот фотографски материјал за автентичен. Материјалот може да биде употребен во процес за воени злосторства против сириската влада, велат правните експерти кои ја вршеа експертизата на доказите. Инаку, тоа се поранешниот генерален обвинител на Трибуналот за воени злосторства во Сиера Леоне - Дезмонд да Силва, обвинителот во процесот против поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ, Британецот Џофри Најс, како и американскиот правник Дејвид Креин, кој работеше на обвинението против либерискиот претседател Чарлс Тејлор. Фотографиите се доказ за „убивање во индустриски размери“ од страна на владата на Башар ал-Асад, изјави Да Силва за „Гардијан“.

Тројцата правници својот извештај ќе го достават на располагање на ОН, владини претставници и невладини организации. Дигиталните снимки се направени во периодот меѓу март 2011. година и август 2013. година. Името на фотографот од безбедносни причини останува тајно.

Асад ја финансира индиректно Ал Каеда

Сирискиот претседател Башар ал-Асад ја кофинансирал и соработувал со Ал Каеда во сложена двојна игра и покрај што терористите се борат за власт во Дамаск, пишува пак лондонскиот весник „Дејли телеграф“, повикувајќи се на западните разузнавачки служби, бунтовниците и дезертерите од терористичката организација.

Неименувани извори од разузнавачките служби тврдат дека „Џебхат ан Нурса“ (Фронт на победата) и Исламска држава во Ирак и Левант, двете поврзани со Ал Каеда, кои дејствуваат во Сирија, се финансирани од продажба на нафта и гас од наоѓалиштата што се под нивна контрола.

Весникот наведува и дека сирискиот режим од затвор ги ослободил екстремистите за да ги засили редовите на џихадистите за сметка на умерените бунтовнички сили. Целта била да се прикаже дека бунтот е поддржан од исламските екстремисти, вклучително и од Ал Каеда, за да прекине поддршката за бунтовниците од Западот.