1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Резолуцијата за Македонија во ЕП доби шест амандмани

Б. Георгиевски/миа22 мај 2013

Иако изостанаа најавените амандмани од бугарските и грчките пратеници, на резолуцијата за напредокот на Македонија од известувачот Хауит се поднесени шест амандмани. Се изразува загриженост и за медиумите.

https://p.dw.com/p/18c3K
Фотографија: Getty Images

Европскиот парламент (ЕП) денеска доцна попладне ќе ја разгледа резолуцијата предложена од британецот Ричард Хауит (на фотографијата горе) за напредокот на Република Македонија во 2012. година. За Резолуцијата, за која европратениците ќе гласаат утре, се предложени шест нови амандмани кои се во контекст на предложениот текст.

Автори на амандманите се Марије Корнелисен (Зелени), Чарлс Танок (Група на европски конзервативци и реформатори) со по еден амандман, и Јелко Кацин и Норица Николаи (Група на Либерали и Демократи) со четири амандмани. Корнелисен во својот амандман го поздравува предлогот за сложено име со географска одредница, изнесено од страна на грчката влада, и верува дека тој ќе биде добра основа за компромис, под услов македонскиот идентитет, култура, националност и јазик да не се доведуваат во прашање.

Амандманот на Танок бара бришење на делот на резолуцијата со која беа вметнати „лицата со бугарски идентитет“, исто како и делот со кој се изразуваше загриженост за процесот на антиквизација.

Останатиот дел од 14-от параграф на резолуцијата би останал таков како што е. Односно, се охрабруваат властите и граѓанското општество да преземат соодветни мерки за историско помирување со цел да се надмине јазот помеѓу и во рамките на различните етнички и национални групи, како и повик за позитивниот напредок во заедничка прослава на заеднички настани и личности со соседните земји членки, се охрабруваат обидите да се воспостават заеднички експертски комисии за историја и образование, со цел да се придонесе за објективна интерпретација на историјата базирана на факти, зајакнување на академската соработка и промовирање на позитивни ставови на младите луѓе кон своите соседи и бара од властите да воведат едукативни материјали ослободени од идеолошки интерпретации на историјата и насочени кон подобрување на меѓусебното разбирање. ЕП е убеден дека културата и уметноста треба да се користат за приближување, а не за поделби меѓу луѓето.

ЕП бара од Владата да испрати јасни сигнали кон јавноста и медиумите дека дискриминацијата врз основа на националниот идентитет не се толерира во земјата, вклучувајќи и во однос на правниот систем, медиумите, вработување и социјални можности...

Итно формирање на Комисијата за настаните од 24 декември

Во четирите амандмани од Кацин и Николаи, едниот се однесува на Комисијата која треба да ги утврди настаните од 24 декември. Тие бараат од властите таа комисија веднаш да почне со работа.

Jelko Kacin
Јелко КацинФотографија: by-nc-sa/ALDEADLE

Двајцата европратеници бараат и ревизија и проверка на гласачките листи, а изразуваат и загриженост по „претресот во канцелариите на новизбраниот градоначалник на општина Центар во Скопје, што според нив е ’институцинален притисок врз личноста на градоначалникот’ кој е значајна личност во опозицијата“.

Кацин и Николаи со шестиот амандман изразуваат загриженост поради „недостаток на анализа и објективност на медиумите во периодот пред локалните избори одржани во март 2013 година, особено во однос на активностите на опозицијата, кои речиси отсуствуваа во медиумите, како во јавните, таа и во приватните, во текот на кампањата“.

Најавените грчки и бугарски амандмани на резолуцијата не беа поднесени, но останува можноста тие бидат поднесени во усна форма на утрешното гласање.