1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Резолуција за Сирија сѐ поизвесна

АТ/ ап/афп/дпа/ртр/ард26 септември 2013

Преговорите за резолуција за Сирија напредуваат меѓутоа сѐ уште не е постигнат пробив. Усвојувањето на резолуција за Сирија во Обединетите нации се чини станува сѐ поизвесно.

https://p.dw.com/p/19og0
Фотографија: Reuters

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун јасно порача: „засрамувачка“ била блокадата во Советот за безбедност на ОН, каде досега се попречува усвојување на резолуција за Сирија. Бан постојано инсистираше кај петте вето земји на Советот за безбедност, конечно да заземат заеднички став за сирискиот конфликт, кој трае од пролетта 2011 година. Сега заеднички ручек на министрите за надворешни работи на САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија би можел да го донесе решението. Западните дипломати говорат за „умерен оптимизам“. Петте постојани земји членки на Советот за безбедност во суштина биле согласни за уништување на хемиското оружје во Сирија. За „главните точки“ на една резолуција воглавно има согласност, се вели на маргините на генералната дебата во ОН.

Но, овие информации дека постои воглавно согласност меѓу петте вето сили на Советот за безбедност, очиглендо потекнуваат само од западните дипломати, оти од Русија официјално се демантирани. Тоа е желбата на западните дипломати, рече портпаролот на руската ОН делегација во Њујорк. „Тоа не соодветствува на вистината. И натаму се работи на нацрт резолуцијата“. Еден владин претставник на САД потврди дека во моментов постои напредок во преговорите, но дека нема спогодба.

Содржината на текстот на резолуцијата во голема мерка се темелела на планот за разоружување на Сирија кој го усвоија САД и Русија во Женева. Постои можност за документот да се расправа уште утре. Рускиот заменик министер за надворешни работи Генади Гатилов за агенцијата АП изјави дека очекува да биде постигната согласност во рок од два дена.

Усвојувањето на една резолуција во голема мерка зависи од можните предвидени санкции во неа. Западот бара арсеналот на сириското хемиско оружје да биде уништен под меѓународен надзор како и закана за сириското раководство во случај на непридржување во обврските. Москва постојано се противеше на ова.

Текстот на резолуцијата би требало да содржи и укажување на Членот 7 од Повелбата на ОН. Овој член легитимира, доколку е неопходно и употреба на воена сила за да се гарантира мир и безбедност. Русија меѓутоа нема да се согласи на автоматизам, подвлекува заменик министерот Гатилов. Тоа значи, доколку Сирија не би се придржувала до резолуцијата, би била потребна нова резолуција на Советот за безбедност пред САД да смеат да преземат воени мерки против режимот во Дамаск.

Русија и Кина досега повеќепати спречија резолуција за Сирија. САД веќе ѝ се заканија на Сирија со воена акција по нападот со островен гас во август во Дамаск, кога животот го загубија повеќе стотици луѓе. Вашингтон имено тврди дека поседува докази дека зад овој напад стоел режимот на претседателот Башар ел Асад.

Во конфликтот во Сирија според проценките на ОН досега животот го загубиле повеќе од 100.000 луѓе. Додека речиси седум милиони луѓе погодени од сириската граѓанска војна имаат потреба од итна помош.