1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реконструкција за да се сврти вниманието или...

23 јуни 2009

Македонскиот премиер Никола Груевски не исклучува мини-реконструкција на својот кабинет, најверојатно наесен. Околу причините се нагаѓа.

https://p.dw.com/p/IXVO
Фотографија: MIA

Весниците во Македонија веќе објавија дека би заминале министрите за финансии и за правда, Трајко Славевски и Михајло Маневски, но и дека Демократската унија за интеграција е незадоволна од своите кадри во ресорите - социјала и екологија. Во двата мандата досега, Груевски не вршеше смени, туку ги менуваше коалиционите партнери.

Критичарите велат дека тандемот Груевски-Ахмети не функционира оти рејтингот на ДУИ паѓа поради политичката сервилност кон ВМРО ДПМНЕ. Наспроти тоа, одделни аналитичари тврдат дека коалицијата ВМРО ДПМНЕ–ДУИ релативно успешно функционира.

Неодамна, партијата Нова демократија ги подгреа шпекулациите дека како нов албански политички фактор би можела да влезе во владата, иако претходно лидерот на партијата Имер Селмани двосмислено рече дека партијата е заинтересирана за тоа да стане „релативно голема политичка партија, засега опозициона“. Според Селмани, не е толку битно дали Нова демократија ќе биде „дел од владата 2009,2010 или 2012 година“.

На ваквите изјави од ДУИ стигнува одговорот дека нема место за две партии на Албанците во македонската влада.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска