1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реконструкција на владата во Каиро

ЕМФ/дв6 јануари 2013

Египетскиот претседател Мохамед Мурси има намера да се зафати се економските проблеми, кои засилено се таложат во неговата земјата. Првичен чекор во таа насока е - голема реконструкција на владата!

https://p.dw.com/p/17EmF
Фотографија: picture alliance / dpa

Во Египет денеска (06.01) заклетва треба да положат десет нови министри, јави агенцијата МЕНА. Притоа, актуелниот министер за финансии Мумтаз ал-Саид, кој е една од клучните фигури во преговорите со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), треба да биде заменет од страна на економскиот експерт Ел-Морси Ел-Сајед Хегази.

Министерот за внатрешни работи Ахмед Гамаледин треба да биде заменет од еден од своите заменици - полицискиот генерал Мохамед Ибрахим, се вели од кругови во министерството. Ибрахим во моментов е одговорен за затворите во земјата. Двајца министри, меѓу кои и министерот за комуникации Хани Махмуд, на крајот на декември најавија дека ќе се повлечат од функцијата.

Според извештајот на агенцијата МЕНА, смени би требало да се случат и на врвот на министерствата за енергетика, за екологија, цивилно воздухопловство, регионален развој и транспорт.

Претседателот Мурси на 26 декември најави реконструкција на владата на премиерот Хишам Кандил за да ја поттикне економијата во земјата. Од падот на Хосни Мубарак пред речиси две години, египетското стопанство оди надолу. Причина за тоа е недоволниот број странски туристи и недостиг на политичка стабилност поради што нема доволно странски инвеститори.

Утре во Каиро треба да пристигне шефот на ММФ за Блиски Исток, Масуд Ахмед. На разговорите ќе стане збор за економскиот развој на Египет и кредитот од 4,8 милијарди долари одобрен уште во текот на ноември, но потоа стопиран поради низа зголемувања на даноци.