1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рекордна невработеност

7 јануари 2012

Стапката на невработеност во 17-те земји-членки на еврозоната во ноември минатата година втор месец по ред била на рекордно ниво од 10,3 отсто, покажуваат најновите официјални податоци на Евростат.

https://p.dw.com/p/13fnX

Заводот за статистика на ЕУ, Евростат, соопшти дека во ноември во еврозоната имало 16,3 милиони невработени, што е за 587.000 повеќе во однос на истиот месец во 2010 година.
Податоците за целата Унија, која брои 27 членки, покажуваат дека стапката на невработеност во ноември исто така стагнирала во однос на претходниот месец, на ниво од 9,8 отсто.

Во Шпанија најголема невработеност

Во ЕУ во ноември имало 23,6 милиони невработени, што е за 55.000 повеќе во однос на октомври и 723.000 повеќе отколку во ноември 2010, соопшти Евростат. Меѓу членките на еврозоната, највисока стапка на невработеност повторно имала Шпанија, од 22,9 отсто во ноември во споредба со 22,4 отсто истиот месец во 2010. Во Грција, која најмногу е погодена од должничката криза во еврозоната, стапката се зголемила на 18,8 проценти во септември, додека податоците за подоцнежните месеци се‘ уште не се достапни.
Од друга страна, најниска стапка на невработеност во ноември забележале Австрија, од четири отсто, потоа следат Луксембург и Холандија со стапка од 4,9 отсто.

Позитивен тренд во Германија

Невработеноста во Германија во 2011-та година достигнала најниско ниво во последните 20 години. Годишниот просечен број на лица без работа во лани изнесувал 2,97 милиони, соопшти неделава, пак, Сојузната агенција за труд во Нирнберг. Помалку невработени лица претходно имало во 1991 година. Позитивниот тренд продолжил и во декември. На крајот од минатиот месец во Германија имало 2,78 милиони луѓе без работа, односно стапка на невработеност од 6,6 проценти, што е за 0,6 проценти помалку во споредба со 7,1 насто од претходната година.
Вообичаеното за зимскиот период намалување на вработувањето во декември е помало отколку претходните години.

Автор:СН/ЕМФ/миа/дпа/ртр

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска