1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рекордна невработеност во еврозоната

ЖА/дв/дпа/афп1 март 2013

Еврокризата не е завршена - стапката невработеност во јануари во еврозоната се искачи на речиси 12 проценти. Не е на повидок брзо надминување на проблемите, подобрување се очекува дури во 2014 година.

https://p.dw.com/p/17omI
Фотографија: picture-alliance/ZB

Невработеноста во еврозоната поради економската криза порасна на рекордно ниво. Во јануари работата ја загубиле 201 илјади вработени. Стапката не невработеност порасна на 11,9 проценти, соопшти Европската служба за статистика, Евростат. Во рамките на еврозоната постои голема нерамнотежа на невработеноста, од најниска во Австрија, со 4,9 насто, до највисока во Грција, со 27 проценти.

Брзо опоравување не е на повидок

Според анкетата на Институтот Маркит меѓу илјадници фирми во еврозоната, во февруари веќе 13-ти месец по ред ќе дојде до затворање работни места. Европската комисија прогнозира со раст на просечната невработеноста оваа година на 12,2 проценти. Дури во 2014 година може да дојде до намалување на бројката невработени, и тоа минимално, на 12,1 насто. Причина за ова е тешката економска криза во монетарната унија. Брутодомашниот производ според проценките на ЕК ќе се намали за 0,3 прпценти, втор пат по ред, а посебно сиви се изгледите на Грција, Италија и Шпанија.

На удар се прво младите

Во натамошен пораст е невработеноста кај младите. Речиси секој четврт млад човек под 25 години во еврозоната е без работа, 24,2 проценти, односно 5,7 милиони во ЕУ. Токму оваа стапка предизвикува најголема загриженост во Унијата. Министрите за труд од ЕУ оваа недела во Брисел договорија воведување т.н. гаранција за младите, која предвидува во рок од четири месеци секој невработен млад човек да добие понуда. Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо ги повика земјите членки што поскоро да го применат заклучокот:

„Со гаранцијата за младите, младите луѓе добиваат вистинска шанса за подобра иднина“.

Шансата во практика значи, по завршувањето на школувањето, на образованието низ работа или губењето на работното место, секој млад човек во рок од четири месеци да добие понуда за нова работа, натамошно школување или најмалку место како практикант.